Лидерите на речиси 200 држави во светот во наредните десетина дена, на самитот за климата, во Шкотска, треба да разговараат за решенија и планови со кои ќе се ограничат штетните емисии во воздухот и како да се стопираат климатските промени на глобално ниво. Како една од најгорчливите теми на собирот, според медиумите, ќе биде и проблемот како светот овој век ќе го ограничи затоплувањето на Земјата на 1,5 Целзиусов степен
Светските лидери во Глазгов на конференција на ООН за климата
Колку светот е блиску или далеку од договор меѓу државите за климатска неутралност, додека глобалното затоплување и климатските промени предизвикуваат екстремни непогоди на планетата. Ова е дилемата што е во фокусот речиси на сите светски медиуми, додека лидерите од целиот свет деновиве се собрани на едно место, на самитот на Обединетите нации за климата КОП 26, во Глазгов, Шкотска.
Според првичните очекувања, иако поттикнувањето на глобалните климатски амбиции беше примарната цел на КОП 26, сепак постои „сериозен ризик“ собирот во Глазгов да не ги даде посакуваните резултати. За ова на самото отворање на самитот, впрочем, предупреди и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој истакна дека е неопходно да надвладее конструктивноста, за климатскиот собир да даде плод.
– Можно е Глазгов да не ги оправда очекувањата за глобалниот проблем. Тоа не е предвидување, туку предупредување. Сепак, сѐ уште имаме време да ги вратиме работите на вистинскиот пат – рече Гутереш на прес-конференција за новинарите на почетокот на самитот во Глазгов.
Пет главни теми на самитот
Во меѓувреме претставниците на речиси 200 држави од светот што се учесници на светскиот климатски самит КОП 26, покрај тоа што ќе треба да дадат одговор дали светот може да се обедини и да се соочи со глобалното затоплување како заеднички непријател, во исто време ќе дискутираат за пет носечки теми.
Една од главните теми, која ќе биде доминантна на собирот, а за која пишуваат новинските агенции, е и проблемот за тоа како лидерите во наредните децении ќе го ограничат глобалното затоплување до 2 Целзиусова степена.
Друга од носечките проблематики за кои ќе се дискутира, како што наведува „Ројтерс“, е и колку и како богатите земји ќе издвојуваат средства за сиромашните држави во борбата против климатските промени.
„Гласот на Америка“ во исто време пишува дека други носечки теми на самитот исто така ќе бидат и роковите за големите економии, во кои тие ќе треба да испорачаат резултати и да ги ограничат штетните емисии во воздухот, но и како метанот и водородот може да станат зелени горива на иднината.
Големи очекувања, мали резултати
Од друга страна, „Дојче веле“ во својата анализа на темава пишува дека иако членките на Г20 ветија постигнување климатска неутралност до средината на овој век и ограничување на затоплувањето на Земјата на 1,5 степен, сепак недостигаат конкретни мерки и обврзувања за постигнување на овие цели. Според медиумот, многу малку е веројатно дека самитот во Шкотска ќе го реши горчливиот глобален проблем, додека човештвото во овој момент е соочено со тешкотии предизвикани од енергетската криза и пандемијата.
– Постоеше голема надеж дека пред самитот во Глазгов, на средбата во Рим, земјите од Г20 ќе преземат заедничка обврска за климатската политика и до 2050 година да постигнат „нето нулта емисија на штетни гасови или ЦО2-неутралност“. Но јасното обврзување не беше направено, во завршното соопштение се зборува завиено за средината на векот. Сепак, без оглед на тоа, домаќинот, италијанскиот премиер Марио Драги, и меѓу другите и германската канцеларка во заминување Ангела Меркел средбата ја оценија за конструктивна и успешна – наведува медиумот.
Според „Дојче веле“, светот во моментов како никогаш досега е исправен пред климатските предизвици, а време за одолжување на решенијата нема.
На истава тема „Радио Слободна Европа“ оценува дека многу од прашањата што ќе се дискутираат на конференцијата во Глазгов до 12 ноември се на дневен ред со децении, вклучувајќи и како богатите земји можат да им помогнат на сиромашните да се справат со емисиите на гас и да се приспособат на потоплиот свет. Медиумот наведува дека бавноста на акцијата налути многу еколошки активисти, кои се очекува да организираат гласни и креативни протести за време на самитот.
– Научниците велат дека шансите за постигнување на целта за глобално затоплување од 1,5 Целзиусов степен се намалуваат во споредба со прединдустриската ера. Светот веќе се загреа за повеќе од 1,1 степен, а сегашните проекции врз основа на планираните намалувања на емисиите во следната деценија покажуваат дека глобалното затоплување ќе достигне 2,7 Целзиусови степени до 2100 година – пишува РСЕ.
Интересно е што паралелно со овие случувања, земјите во светот во моментов поради енергетската криза планираат повеќе од двојно да го зголемат производството на јаглен, нафта и гас, што не е во согласност со плановите за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен, соопштија Обединетите нации (ОН) во извештај објавен неодамна, само неколку дена пред одржувањето на климатскиот самит во Глазгов.