Удин Ахок (46) беше принуден да направи избор со каков што никој не би требал да се соочи – да ја спаси сопругата, или пак, мајка си и својот син, во цунамито што ја погоди Индонезија, пренесува „Ченл њуз Азија“.
Ахок бил разбуден без предупредување во саботата навечер, кога водата удрила во неговата куќа во селото Вај Мули на брегот на Суматра. Во паника, тој се борел за да дојде до неговата 70-годишна мајка и до едногодишниот син, кога забележал како неговата сопруга се дави. Индонезиецот успеал да ја извлече сопругата, додека неговата мајка и синот биле пронајдени мртви под урнатините.
– Немав време да ги спасам мајка си и синот. Многу жалам. Само можам да се надевам дека сега имаат место во божји раце – кажа низ солзи Ахок, кој е сместен во прифатилиште за преживеаните во еден од најпогодените региони од цунамито во Индонезија, во кое над 400 луѓе ги загубија животите.
Жена од истото село, која е во шести месец од бременоста, преживеала благодарение на соседот кој ја забележал како паѓа во водата.
– За среќа, тој ме забележа и извлече, па избегавме од брановите на повисоко место. Сѐ беше потполно темно. Не знаев дека можам да трчам толку брзо. Беше многу страшно. Чекавме повеќе часови да се спушти водата – вели Индонезијката.
На островот Јава, пак, еден од преживеаните луѓе, познат како Саки, стоеше меѓу урнатините во потполно опустошеното село Сумбер Јаја, прашувајќи се како ќе го врати својот живот во колосек.
– Не можам повторно да градам, сѐ исчезна. Мојата облека, моите пари… Имав 1.300 долари во куќата. Сега спијам во локалната џамија и секој ден се враќам тука – вели Саки, во чие соседство две лица ги загубија животите, а 20 домови беа уништени.
Телото на Насоха, кој е од Суматра, е прекриено со модринки, а неговата куќа е разурната, но тој се смета за среќен.
– Имам исеченица на лицето и повреди на раката и на едното уво, но благодарен сум што сум жив – посочува 45-годишниот маж.