Федералните резерви укажуваат на штетните последици од казнените тарифи на Трамп против Кина и другите трговски партнери на САД – вклучувајќи ги и Канада, Мексико и Европската Унија. Во најновиот извештај на Федералните резерви, подготвен од економистите Арон Флан и Џастин Пирс, се предупредува дека негативните ефекти од ваквите мерки се поголеми од придобивките, барем на краток рок
Царините, кои администрацијата на Доналд Трамп ги воведе за зајакнување на американската економија и за елиминирање на „нефер“ трговските практики, првенствено на Кина, имаат негативно влијание врз работните места во производствениот сектор и доведоа до пораст на цените, се наведува во извештајот на бордот на Федералните резерви на САД.
Федералните резерви укажуваат на штетните последици од казнените тарифи на Трамп против Кина и другите трговски партнери на САД – вклучувајќи ги и Канада, Мексико и Европската Унија. Во најновиот извештај на Федералните резерви, подготвен од економистите Арон Флан и Џастин Пирс, се предупредува дека негативните ефекти од ваквите мерки се поголеми од придобивките, барем на краток рок.
– Заклучивме дека зголемувањето на тарифите, воведено во 2018 година, е поврзано со релативно намалување на вработените во производствениот сектор и релативно зголемување во цените на производите – се истакнува во извештајот.
Според Федералните резерви, американските индустрии, кои работат со алуминиум и челик, се соочија со најголемо зголемување на цените, бидејќи увозните царини сочинуваат 17,6 отсто од трошоците за производителите на алуминиумски фолии и 8,4 проценти од челичните производи, изработени од увезен челик.
Истовремено, некои американски произведувачи можеби профитирале од намалената конкуренција на домашниот пазар, но зголемените царини ја намалија нивната конкурентност во странство. Тоа негативно влијаеше врз повеќе индустрии, вклучувајќи ги и магнетските и оптичките медиуми, кожени производи, алуминиумска фолија, железо и челик, моторни возила, апарати за домаќинството, како и аудио, видео и компјутерска опрема. И додека некои од индустриите успеаја да добијат одреден степен на увозна заштита, благодарение на тарифите, тоа беше нарушено од растечките увозни трошоци и контрамерките. Според Флан и Пирс, долгорочните ефекти можеби ќе бидат поразлични, бидејќи американските компании може да ги нагодат синџирите за снабдување за да се избегнат американските увозни тарифи, но тие исто така може и да го релоцираат своето производство надвор од САД.
– Нашите резултати сугерираат дека традиционалната употреба на трговската политика како алатка за заштита и промоција на домашното производство е проблематизирана од глобално испреплетените синџири за снабдување – се наведува во извештајот.
Вашингтон и Пекинг во моментов се обидуваат да ја финализираат првата фаза од нивниот трговски договор, при што и двете страни работат на текстот и другите процедури што се неопходни за постигнување на спогодбата. Две најголеми економии во светот меѓусебно си воведоа тарифи за производите, во вредност од десетици милијарди долари, а најновата рунда на царини беше избегната со напредокот во разговорите.
Во меѓувреме, и понатаму продолжува трговската војна на САД со ЕУ. Откако Светската трговска организација (СТО) пресуди дека ЕУ исплаќала несоодветни финансиски субвенции за производителот на авиони „Ербас“, со што беше намалена продажбата на американскиот ривал „Боинг“, администрацијата на Трамп воведе „казнени“ тарифи на производите од Унијата. САД воведоа рекордни царини за авионите на „Ербас“ и земјоделските производи, како што се француското вино, италијанското сирење и шкотското виски, и неодамна се заканија со нови зголемувања за царините на производите од ЕУ.