Една од најистакнатите карактеристики на многу нови паметни телефони е камерата. Со тоа што фотографските сензори стануваат помали и подобри, а самата процесорна моќ на паметните телефони им овозможува да понудат софистицирано подобрување на сликата во реално време, фотографиите направени со современите паметни телефони се доближуваат до квалитетот што некогаш го нудеа само скапите фотоапарати со заменливи објективи.
Тука не станува збор само за квалитетот на пазарот на паметни телефони. Во текот на изминатите неколку години, камерите во паметните телефони генерално значително се подобрија до тој степен што многу луѓе повеќе не ја гледаат потребата да носат или да купат соодветен фотоапарат. Иако професионалците и љубителите на фотографијата веројатно секогаш ќе имаат подобри резултати со користење квалитетни фотоапарати и објективи, со современите паметни телефони се прават слики што лесно ја задоволуваат потребата на просечниот потрошувач.
Во однос на индустријата на фотоапарати и фотографска опрема, подемот на фотографијата со паметните телефони имаше катастрофални ефекти. Според ЦИПА, јапонската индустриска група во која членуваат „Олимпус“, „Канон“ и „Никон“, светската испорака на фотоапарати опаднала за 87 отсто меѓу 2010 и 2019 година, со тоа што практично избришала четиридецениски постигнувања. Остриот пад во побарувачката главно се должи на намалените испораки на дигитални фотоапарати со вградени објективи што беше вообичаен тип што аматерските фотографи го користеа пред подемот на фотографирањето со паметните телефони.