Пред средбата помеѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин денеска во Финска е покрената привремена контрола на внатрешните граници на Европска унија, како дел од зајакнување на безбедноста.
– Контролата на внатрешните граници на ЕУ почнува од денеска попладне, а ќе биде укината во вторник во исто време, се наведува во соопштението од финското Министерство за внатрешни работи.
Ќе се врши контрола на сите странци кои влегуваат или излегуваат од Финска дали ги исполнуваат законските правила, а исто така ќе се идентификуваат лицата кој би можеле да претставуваат ризик.
И во Хелсинки почнаа да се воведуваат вонредни мерки за безбедност.
Се предупредува дека може да има затворени улици и промена и доцнење во работата на јавниот транспорт. За јавниот ред и мир во градот се ангажирани две илјади полицајци кои се повикани од сите полициски станици во земјата.
За време на состанокот во Хелсинки се најавени неколку протести за кои локалната полиција е навремено известена.
Трамп и Путин ќе се сретнат на 16 јули во Хелсинки, а домаќин е претседателот на Финска, Саули Нинисто.