Фејсбук го забрани профилот на Алекс Џоунс и на неколку други контроверзни лица од крајната американска десница, поради кршење на правилата на оваа социјална мрежа за опасни поединци и организации.
Поголем дел од лицата чии профилите се отстранети, се популарни меѓу екстремните десничари, како што се коментаторите Мило Јанопулос, Лора Лумер и Пол Џозеф Ватсон.
Фејсбук исто така ја забрани страницата на познатиот бел супрематист, Пол Нелен, кој се кандидираше за конгресот во 2018 година и на лидерот на Исламската нација Луис Фаракан, кој проповеда црнечки сепаратизам и погрдно ги нарекува Евреите.
Компанијата најави дека ќе ги отстрани сите профили, страници, групи и настани поврзани со забранети поединци, како на својата основна социјална мрежа, така и на апликацијата Инстаграм за споделување фотографии. Во образложението се нагласува дека се забрануваат сите корисници кои промовираат насилство или омраза.
Но, Фејсбук не ги спречи корисниците да ги фалат и поддржуваат забранетите поединци на своите платформи, како што претходно правеше за милитантните групи како Исламска држава и Ал Каеда. Неколку часа откако му исчезна профилот, видеозаписи на Луис Фаракан и натаму беа видливи на Инстаграм меѓу 17 илјади постови, вклучително и видеа во кои ги брани своите описи на Евреите.