Ураганот Мајкл, кој гувернерот на Флорида Рик Скот денеска го опиша како „монструозен“, зајакна и сега се класифицира како ураган од втора категорија, а наскоро неговата сила може да се зголеми.
– За околу 12 часа ќе ги почувствуваме првите удари. Со децении не сме виделе нешто вакво – рече Скот.
Тој прогнозираше дека Мајкл ќе биде најразорниот ураган во изминатите неколку децении.
На патот на ураганот кон Флорида, се забележани ветрови од околу 155 километри на час.
Предупредувања за ураганот се издадени во повеќе градови во државата Флорида.
По Флорида, ураганот ќе удри низ Џорџија и Јужна и Северна Каролина.
Се очекува ураганот да ја погоди Флорида во среда околу 13 часот по локално време, а во моментов се наоѓа на околу 640 километри од американското копно.