Украинскиот претседател ја повика Алијансата да испрати бродови во Азовско Море по поморскиот инцидент со Русија во близината на Крим

Украинскиот претседател Петро Порошенко го повика НАТО да испрати бродови во Азовско Море по поморскиот инцидент со Русија во близината на Крим. Порошенко порача дека бродовите на Алијансата би ѝ помагале на Украина да ѝ обезбедат заштита. Истовремено, украинските власти соопштија дека планираат да побараат забрана за поминување на руски бродови низ Босфор поради настаните од Керчанскиот Теснец, во кој беа запленети три брода на Украина. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин го обвини Порошенко дека со поморската провокација сака да го подобри рејтингот пред претседателските избори наредната година, пренесуваат светските медиуми.
Во интервјуто за германскиот магазин „Билд“, Порошенко изјави дека Путин сака да го окупира Азовско Море.

– Германија е еден од нашите најблиски сојузници и се надеваме дека државите од НАТО сега се подготвени да релоцираат воени бродови во Азовско Море за да ѝ помогнат на Украина и да обезбедат заштита. Не можеме да ја прифатиме агресивната политика на Русија. Прво беше Крим, потоа источна Украина, а сега тој го сака Азовско Море. Германија исто така треба да се запраша што ќе направи Путин следно ако не го запреме – истакна украинскиот претседател.

НАТО засега не одговори на барањето на Порошенко. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во понеделникот ја повика Русија да ги ослободи украинските бродови, истакнувајќи дека Москва треба да биде свесна за последиците од своите постапки.

– НАТО ќе продолжи да обезбедува политичка и практична поддршка за Украина – додаде Столтенберг.

Во меѓувреме, командантот на украинската воена морнарица Игор Воронченко изјави дека Киев планира да побара забрана за поминување на руски бродови низ Босфор поради инцидентот во Керчанскиот Теснец.

– Во согласност со Конвенцијата од Монтре и нејзиниот параграф 19, ќе побараме затворање на Босфор во Турција за да ги натераме Русите да сфатат што значи кршење на меѓународното право – порача Воронченко.

Конвенцијата од Монтре е донесена во 1936 година, кога Турција доби суверенитет над Босфор и Дарданелите, а со неа е предвидена слобода на трговски бродови од сите земји низ овие морски теснеци. Воронченко исто така порача дека Украина ги испратила своите бродови во Керчанскиот Теснец за да покаже што може да направи, додавајќи дека таквата одлука не била погрешна.

Се огласи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој сигнализира дека Анкара може да посредува во намалувањето на тензиите помеѓу Москва и Киев.

– Можеме ли да ја прифатиме улогата на посредник? Разговаравме за тоа со двете страни – порача Ердоган неколку часа по одвоените телефонски разговори со рускиот и украинскиот колега.

Ердоган истакна дека за спорот помеѓу Русија и Украина ќе разговара со Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на самитот на Г20, кој денеска почнува во Буенос Аирес.


Путин и Трамп сепак ќе се сретнат во Буенос Аирес?

Состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот колега Владимир Путин ќе се одржи утре и најверојатно ќе трае два часа, пренесува Спутник, повикувајќи се на извори од една од делегациите.
Официјален Кремљ исто така соопшти дека Вашингтон потврдил дека состанокот на двајцата лидери ќе се одржи на маргините на самитот на Г20 во Аргентина. Претходно, помошникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон и портпаролката на Белата куќа потврдија дека Трамп смета на билатералниот состанок со Путин. Меѓутоа, неколку часа подоцна Трамп соопшти дека не ја исклучува можноста состанокот да биде откажан поради настаните во Керчанскиот Теснец.