Хрватската полиција по неколку месеци интензивна соработка со италијанската полиција во средата уапси четворица хрватски државјани осомничени за кражба на накит во вредност од неколку милиони долари за извршена кражба во јануари оваа година во Венеција.
Накитот е украден од приватната колекција за накит и друг вредни артефакти на индискиот шеик Хамад би Абдула ал-Тани кој бил изложен во Венеција.
Според хрватската полиција, целата колекција е од непроценливо значење, а украдени се еден пар обетки направени од платина, дијаманти во вредност од еден милион долари, брош направен од платина и рубини во вредност од над два милиони долари. Династијата Ал-Тани владеела со Катар и е една од најбогатите семејства во светот.
Еден од уапсените хрватските граѓани е поврзан со неколку големи кражби на скапоцени камења во различни европски земји и е дел од криминална организација “Пинк Пантер”, а за кого има меѓународна потерница од Швајцарија за кражба на накит во вредност од осум милиони швајцарски франци, извршена во март 2011 година во Базел за време на изложбата “Базелворд 2011”.
Како дел од истата акција во четвртокот на хрватскиот граничен премин Товарник, полицијата го уапсила и петтиот член на криминална организација, 54-годишниот државјанин на Србија, исто така врз основа на европски налог за апсење.
Против уапсените хрватските граѓани се води кривична постапка пред судот во Венеција, а кривичната истрага продолжува, соопшти хрватската полиција.
Ф.К.Л