Три лица загинаа вчера во несреќа со глисер во близина на Венеција во обид да срушат брзинскиот рекорд од Монте Карло. Италијанските пожарникари велат дека тројцата, меѓу кои и 76 годишниот шампион во трки со моторни чамци Фабио Буци, загинале кога глисерот удрил во
бетонски блок во лагуна. Четвртото лице кое било со нив е тешко повредено.
Се проценува дека глисерот се движел со брзина од околу 140 километри на час кога се случила несреќата, како што пренесува „Кориере дела сера“.
„Би-би-си“ пренесе дека глисерот удрил во бетонските заштитни блокови во близина на Лидо ди Венеција. Италијанските експерти велат дека глисерот сакал да постави рекорд за рутата од Монте Карло до Венеција.
Сведоци на несреќата велат дека виделе како глисерот пристигнува на целната линија, но се удрил во бетонската брана пред влезот во пристаништето. Буци имал освоено десет светски шампионати во неговата 40-годишна кариера и го поставил рекордот со дизел моторен чамец во 1978 година.