Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика европските држави да ги примат назад своите граѓани кои ѝ се приклучиле на Исламската држава (ИД), а кои се затворени во кампови во источна Сирија, контролирани од курдските сили.
-Го победив калифатот. Кога дојдов, калифатот беше насекаде. Јас го поразив калифатот, ИСИС, и сега имаме илјадници воени затвореници, борци на ИСИС кои се воени заробеници и ги прашуваме земјите од каде што дојдоа … од Европа, бараме од нив да ги вратат назад овие затвореници, рекол Трамп на прес-конференција во Белата куќа.
Илјадници странски борци од околу осумдесет земји се приклучиле на ИС кога во 2014 година оваа терористичка организација презеде под контрола големи региони во Сирија и Ирак. Судбината на милитантите и нивните семејства стана жешко прашање откако на почетокот на оваа година беше прогласена победа над ИД.
Дел од децата се вратени во земјите од кои доаѓаат, но европските земји не сакаат да ги примат оние што свесно се приклучиле на оваа радикална група.
-Во еден момент ќе морам да кажам: или ќе ги примите назад или ќе им дозволам да дојдат на вашите граници. Ако не ги сакате назад, ние веројатно ќе мора да ги оставиме на границите и потоа повторно да ги затворите, изјавил Трамп.
Тој додал дека САД нема да ги платат трошоците за притвор на илјадници борци. -Повеќето од нив се од Европа. Тие доаѓаат од Германија, од Франција. Ѝ направивме огромна услуга на Европа, додал тој.
Илјадници цивили, вклучително и оние поврзани со ИД, се притворени во камповите по акцијата на коалицијата предводена од САД против екстремистите на североистокот на Сирија.