Американскиот претседател Доналд Трамп на денешната прес-конференција во Сингапур изјави дека разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун биле „чесни, директни и продуктивни“.
Тој изјави дека од Ким добил уверување дека Северна Кореја ќе ги уништи објектите каде е сконцентрирана ракетната програма на таа држава.
– Ким ми кажа дека Северна Кореја веќе уништува голема локација за тестирање на проектили- истакна Трамп.
Американскиот претседател додаде дека Корејската војна „наскоро ќе заврши“.
– Минатото не мора да ја дефинира иднината … Секој може да направи војна, но само најхрабрите можат да направат мир- изјави Трамп.
Американскиот претседател додаде дека „светлината на мирот ја оддалечува темнината на војната.
– Ова беше многу голем ден, одличен момент во историјата на светот- истакна Трамп и додаде дека овојпат нема да биде како со напорите на претходните администрации за справување со Северна Кореја.
На прес-конференцијата тој уште потенцираше дека сака да врати „момците дома“, мислејќи на американските војници стационирани во Јужна Кореја.
Трамп уште рече дека накусо со Ким разговарале и за човековите права.
– Тој е многу посебна личност и секогаш ќе биде во мојот живот- изјави Доналд Трамп одговарајќи на прашање во врска со Ким Џонг-ун.
Тој уште рече дека го поканил Ким да ја посети Белата куќа, а севернокорејскиот лидер ја прифатил поканата.
– Ќе ги прекинеме воените игри во регионот- уверува Доналд Трамп.