Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го повика Сенатот да го одобри именување на судијата Брет Кавано на испразнетото место во Врховниот суд на САД.
Повикот на Трамп уследи по сослушувањето во Сенатот на Кавано и на докторката Кристин Блејзи Форд, која го обвинува за сексуален напад пред три и пол децении, при што, според американскиот претседател, судијата настапил „силно, чесно и уверливо“.
Прво Форд, а потоа и Кавано, со часови сведочеа пред членовите на Комисијата за правосудство на Сенатот на САД. Форд настапи смирено и со сигурност тврдеше дека Кавано е човекот кој се обидел да ја силува за време на средношколска забава во 1982 година, кога тој имал 17, а таа 16 години.
Кавано, пак, имаше крајно емотивен настап, обвинувајќи ги сенаторите од Демократската партија дека „му го уништиле животот и растуриле семејството ширејќи лажни обвинувања против него низ медиумите“.
– Судијата Кавано и покажа на Америка зошто го предложив за ова место. Јасно можеше да се види дека стратегијата на демократите е да го уништат човекот. Целиот процес беше монтиран обид да се одложи и попречи неговото именување. Сенатот сега мора да гласа!, напиша Трамп на Твитер.
Кавано мора да добие 51 глас во Сенатот, мнозинство кое Републиканската партија го има, но обвинувањата на Форд може да премислат неколку републикански сенатори, како што се Сузан Колинс или Лиза Мурковски, кои демократите ги повикуваат да покажат женска солидарност со Форд.
Демократите воедно бараа целиот процес да се одложи за по конгресните изборите во ноември, инсистирајќи самиот Кавано да се обрати до Федералното истражно биро (ФБИ) и да побара истрага за обвинувањата.
Повеќе републикански извори, по сведочењето на Кавано и Форд, најавија дека партијата сепак ќе ги обезбеди потребните 51 глас и дека ќе побрза со гласањето, не дозволувајќи обвинувањата против судијата да го попречат неговото именување, како што тоа се случи со неуспешниот избор на судијата Роберт Борк во 1987 година и на судијата Кларенс Томас во 1991 година.
Врховниот суд е важен поради неговото право да поништи закони кои ќе ги оцени како противуставни, а со именувањето на Кавано се очекува Републиканската партија да има солидно мнозинство во деветчлениот суд.
Републиканските сенатори се откажаа од правото да ја сослушуваат Форд, и повикаа жена – обвинителка да го стори тоа место нив. Форд беше прашана зошто тројцата сведоци кои таа ги посочи дека учествувале во забавата кога таа наводно била силувана ја негираат нејзината верзија на настаните.
Таа, помогната од неколку адвокати, се повика на тоа дека настанот се случил одамна и побара едниот од пријателите на Кавано, новинарот Марк Џад, да дојде лично пред Комисијата и да го повтори своето писмено тврдење дека настанот не се случил.
– Секој ден се измачував себеси околу тоа дали да излезам во јавноста и да кажам за нападот врз мене, изјави таа.
Кавано во сведочењето повеќе се осврна за „ударот“ што обвинувањата на Форд го имале врз неговото семејство, врз сопругата и двете ќерки.
– Мојата десетгодишна ќерка, кога клекна да се моли една вечер, побара од мене да се помолиме и за жената, озјави Кавано, низ солзи, уверувајќи ја доктор Форд дека ниту тој, ниту неговото семејство немаат лоши намери кон неа, но дека нејзината верзија на настаните не е точна и дека тој е невин.
Во Сенатот беа отворени повеќе теории дека можеби некој друг соученик се обидел да ја силува, а таа го помешала со Кавано.
Кавано воедно ги обвини демократите дека со личниот напад врз него „исполнуваат нарачка на Бил и Хилари Клинтон“, имајќи предвид дека тој како помлад правник беше дел од истрагата за сексуалните обвинувања против поранешниот американски претседател Клинтон.
Кавано воедно праша зошто никој во Сенатот не ги отвара и другите, уште посериозни обвинувања против него, од две други жени кои го обвинија дека учествувал во групни силувања на девојки, обвинувања за кои рече дека се крајно неуверливи, а му предизвикале огромна емотивна болка на неговото семејство.
Една од жените кои го обвинија беше понудена како сведок од страна на адвокатот Мајк Авенати, кој ја промовираше порно актерката Сторми Даниелс и нејзините обвинувања против претседателот Доналд Трамп.
За време на сведочењата, пред зградата на Конгресот се одржуваа протести на поддржувачи на двете политички партии, додека преку социјалните мрежи беснееше расправа меѓу тие кои бараат да се верува на Кавано или на Форд.