Иако претседателската трка за изборите во САД сè уште не е започната, претседателот Доналд Трамп веќе сугерира дека демократите не можат да го победат во фер изборна борба. Според аналитичарот на Си-ен-ен Крис Силица, доколку Трамп загуби на изборите следниот ноември, тој ќе инсистира дека изборот на неговиот противкандидат бил нелегитимен.
– Демократите во Конгресот вчера беа злобни и целосно ги покажаа нивните карти за сите да ги видат – напиша Трамп на Твитер, за истрагата против него која ја покренаа демократите во Претставничкиот дом.
Трамп дополни дека во времето кога републиканците го имале мнозинството, тие никогаш не се однесувале со толку омраза и презир.
– Демократите се обидуваат да победат на изборите во 2020 година за кои знаат дека на легитимен начин не можат да ги добијат – смета претседателот.
Во слична насока беше и изјавата на портпаролката на кампањата на Трамп за следните избори, која рече дека Демократите се очајни да го победат Трамп на следните избори, па затоа започнале со срамна стратегија која има една едниствена цел: уривање на волјата на американскиот народ и користење на моќта поради тоа што знаат дека немаат никаква шанса за легитимна победа. Слични изјави за истрагата и за целата ситуација имаше и портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Според аналитичарот Силица, оваа реторика се совпаѓа со еден многу очигледен шаблон – да се убеди гласачкото тело на Трамп дека не е возможно тој да изгуби во фер и демократска борба на изборите во 2020 година. Па така, и ако изгуби, поразот по дефиниција мора да биде нелегитимен.
– Ништо од ова не треба да изненадува, со оглед на честите изјави на Трамп за изборите во 2016 година кога освои повеќе гласови од Електоралниот колеџ, но загуби на јавното гласање од Хилари Клинтон за околу три милиони гласови. Не помалку од три недели од неговото влегување во Белата куќа, Трамп се огласи на Твитер велејќи дека победил и на јавното гласање, доколку се одземат гласовите на луѓето кои гласале нелегално – констатира аналитичарот на Си-ен-ен.
Доналд Трамп истиот став го имал и при еден состанок со пратеници, неколку дена по неговата инаугурација, кога велел дека во просек од три до пет милиони нелегални гласови биле вброени во изборите 2016 година, и дека доколку легитимните гласови би биле изброени, тој би победил и на јавното гласање. Секако, според анализата на Силица, ниту администрацијата на Трамп, ниту пак самиот тој не принел било какви докази за овие наводни нелегални гласови, а комисијата која беше составена од страна на претседателот за ова прашање, беше расформирана за помалку од една година. Дополнително, неколку истражувања понатаму покажаа дека вакви нелегалности едноставно не постоеле за време на овие избори.
– Секако, Трамп е помалку заинтересиран за фактите за изборни нерегуларности, отколку за тоа дека треба да ги убеди неговите подржувачи дека ако изгуби, не е поради тоа што освоил помалку гласови, туку затоа што елитите нашле начин да работат против него – констатира Силица.
Политичките експерти во САД велат дека оваа тактика Трамп ја користел и за време на изборите во 2016 година, и тоа пред да знае за неговата победа. Тие сметаат дека ова е стратегија која сегашниот претседател одамна ја користи, и тоа не само во политиката. Трамп слично се однесувал и во бизнисот и често прогласувал победи, дури и кога фактите биле против него.
Во бизнисот, овој пристап за неприфаќање на пораз е безопасен поради тоа што на крајот од денот, се знае кој е победник, а кој губитник. Во политиката, неспособноста на Трамп да прифати дека е можно да изгуби на фер избори, е многу опасен момент.
Минатиот месец, поранешниот адвокат на Трамп Мајкл Коен, за време на сведочење во Конгресот рече оти стравува дека нема да има можност за мирно преземање на власта доколку Трамп загуби на изборите.
– Со оглед на моето долгогодишно искуство работејќи за г-дин Трамп, стравувам дека доколку тој загуби на изборите во 2020 година, нема да има можност за мирно преземање на власта – рече Коен.
Иако има уште многу до следните избори во САД, останува отворено прашањето што би се случило доколку сегашниот претседател Трамп едноставно одбие да признае дека изгубил на следните избори, завршува Силица.