Во Америка има возбудлива трка за најмоќниот човек на светот. Доналд Трамп и Џо Бајден се многу блиску според резултатите, а процентот на освоени гласови се менува од минута во минута. Се бројат стотици милиони гласови. Според податоците од медиумите, Бајден во моментов има 220 изборни гласови, а Трамп 213.
Медиумите јавуваат дека Трамп победил во Тексас и добил 38 изборни гласови. За да се победи на изборите во САД, потребно е да се соберат 270 изборни гласови.
Доналд Трамп и`се обрати на јавноста, заблагодарувајќи им на милиони луѓе за поддршката.
– Подготвени сме за голема прослава. Ние победивме насекаде. Подготвени сме да излеземе и да прославиме нешто толку големо, убаво и успешно … ова е рекорд – рече Трамп, додавајќи дека победил во Тексас, Ајова и во Пенсилванија.
– Сите оние држави што ги добивме вечерва… И одеднаш – што се случува? Знаете што се случува? Тие беа свесни дека не можат да го добијат тоа и сега ни рекоа да одиме на суд. Јас го велам тоа од самиот почеток. Тие ќе испратат десетици милиони гласови и ако не успеат да ги добијат, ќе одат на суд. Флорида беше победа, неверојатна победа, па Тексас, Охајо. И таму убедливо победивме – рече Трамп, додавајќи дека не сака во 4 часот наутро, како што рече, да најделе гласови и да ги додаделе на списокот.
Тој ги обвини своите противници на Твитер дека се обиделе да ги „украдат изборите“ иако не понуди докази за тоа.
– Тоа е голема победа, но тие се обидуваат да ни ги украдат изборите. Никогаш нема да им дозволиме да го сторат тоа. Не можете да гласате откако ќе бидат затворени избирачките места – напиша Трамп на Твитер.
Во меѓувреме, се огласи и кандидатот за претседател на Демократската партија, Џо Бајден, кој сè уште е оптимист за исходот на претседателските избори во САД, иако резултатите во моментов не се во негова корист. Бајден накратко им се обрати на своите приврзаници пред неговата куќа во Вилмингтон и тврдеше дека е на пат кон победата.
„Чувајте ја вербата, ќе го добиеме ова“, им извика тој.
Бајден има најголеми надежи дека во три сојузни држави т.н. „синиот ѕид“, Висконсин, Мичиген и Пенсилванија, кој Трамп го освои во 2016 година, ќе дојде до пресврт.
Во Висконсин, Бајден има 47,4 проценти од гласовите на преброени 84 проценти од гласачките ливчиња, во Мичиген е на 44,6 (преброени 64 проценти), а во Пенсилванија на 42,2 (64 проценти). Постои тренд кај сите да се намали разликата со пристигнувањето на нови гласови.