Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба против поранешната вработена во Одделот на Белата куќа за односи со општествени организации и население, Омароса Манигалт-Њуман.
Поранешната вработена во Администрацијата на Трамп е обвинета за прекршување на договорот за тајност, што таа го потпишала за време на изборната кампања во 2016 година. Тужбата е испратена во Американската арбиражна асоцијација во Њујорк.
– Претседателот Трамп е добро познат по тоа што во текот на повеќе децении дава можност за лично и професионално напредување на луѓето кои работат со него. Но, прекршување е прекршување и треба да се посочи на директното непочитување на договорот, а прекршителот да биде повикан на одговорност, изјави за Еј-Би-Си официјален претставник на изборната кампања на Трамп.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Омароса Манигалт-Њуман, која во САД стана позната од телевизиското реално шоу на Трамп, „Приправник,“, беше единствената црномуреста вработена во неговата Администрација.
Во Белата куќа таа работеше една година и беше отпуштена со скандал. По нејзиното заминување таа издаде книга „Неурамнотежен – инсајдерски поглед на Белата куќа на Трамп“, во која Манигалт-Њуман го опишува претседателот како човек кој боледува од психичко растројств и кој се радува кога луѓето околу него спорат и се во конфликт и го обвинува за расизам и мизогонија.
На издавањето на книгата минатата недела Трамп реагираше со погрдни зборови, изјавувајќи дека Манигалт-Њуман е „за жалење“.
Минатиот виканд Ен-Би-Си објави дека таа предала во телевизијата аудио снимки од разговор со шефот на кадровската служба на Белата куќа, Џон Кели. Таа успеала да го сними разговорот во т.н. „ситуациона соба“ каде се водат разузнавчки брифинзи и каде е забрането да се внесуваат апарати за снимање.