Топлотниот бран кој дојде од Сахара погоди голем дел од Европа, каде ситуацијата со високите температури се влошува. Температури над 40 степени се очекуваат во Франција и Шпанија, а кулуминацијата на жешкото време се најавува за денес и утре.
Веќе се затворени околу 50 училишта во областа Есон, јужно од Париз, бидејќи немаат доволно уреди за ладење. Денеска, кога се очекуваат и највисоките температури, ќе бидат затворени училишта во уште две париски предградија.
Во делови од североисточна Шпанија се очекува дека температурите во петок ќе бидат над 45 Целзиусови степени. Во Германија и Италија температурите се под 40 степени, но сепак над просечните вредности за ова време од годината.
Во Швајцарија, исто така е невообичаено жешко, но властите инсистираат на тоа училиштата да останат отворени, бидејќи во спротивно ќе настане проблем за вработените родители, пренесува „Танјуг“.
Француските власти одлучија во Париз и Лион од средата да биде дозволен сообраќај само за возила кои ги исполнуваат еколошките стандарди, бидејќи загадувањето на воздухот во жешки денови е особено изразено во Париз.
Во Германија во средата беа измерени 38,6 Целзиусови степени, што е рекордно висока температура за јуни регистрирана во таа земја.
Според прелиминарните податоци, оваа температура била измерена во Кошен, недалеку од границата со Полска, во попладневните часови, јави агенцијата „АП“.
Со цел да се намалат оштетувањата на коловозот на автопатиштата, во источна Германија се одлучија да ги намалат дозволените брзини.
Германскиот институт за климатологија во Потсдам објави информација дека петте најжешки лета во Европа од 1500 година наваму, биле во 21 век.
Претходниот температурен рекорд во јуни од 38,5 степени во Германија бил измерен во 1947 година, во југозападниот дел на земјата.
Високи температури се регистрирани и во Австрија, каде што во Тирол беа измерени 39 степени.
Властите во Виена, за малку да го оладат градот, ангажираа повеќе од 40 возила на миење на улиците кои прскаат со ладна вода.