Поранешниот британски премиер Тони Блер смета дека Велика Британија е во опасен хаос, како и дека ниту неговата Лабуристичка партија ниту конзервативците на Борис Џонсон не заслужуваат да победат на изборите на 12 декември.
– Јавноста не е убедена дека која било голема партија заслужува изборна победа – им рече Блер на новинарите.
Велика Британија одржува избори три години порано, бидејќи парламентот е во „ќорсокак“ заради Брегзит, не можејќи да се договори за тоа како и дали воопшто да ја напушти Европската Унија, пренесува „Ројтерс“.
– Ние сме во хаос – рече Блер, кој беше лабуристички премиер помеѓу 1997 и 2007 година.
Блер оцени дека и двете најголеми партии продаваат фантазии и дека доколку изборните анкети се точни, партијата на Џонсон веројатно ќе го освои мнозинството.
Тој рече дека неговата партија сега е контролирана од „марксистичко-ленинистичкото крило“ и дека нивниот лидер Џереми Корбин ветил револуција.
– Проблемот со револуцијата никогаш не е како ќе започне, туку како ќе заврши. Проблемот со револуциите е што тие секогаш завршуваат лошо – рече Блер.