„Републиката во движење“ се соочува со тешкотии на локалните избори
Авторка: Рим Момтаз
Политико
Емануел Макрон победи на француските претседателски избори со тоа што беше политички аутсајдер, но неговата партија сè уште не може да најде поддршка кај мнозинството граѓани и има големи шанси да загуби на локалните избори. На францускиот претседател и неговата партија „Републиката во движење“ (ЛРЕМ) нема да им биде лесно на изборите закажани за крајот на месецов, затоа што рејтингот им е на четвртото место според некои анкети.
Дури и во големите градови каде што гласачите беа убедени во изборните ветувања на Макрон за нова насока и реформирање на француската политика, и ги поддржаа неговите комбинирани левичарски и десничарски идеи за време на претседателската кампања од 2017 година, сепак, анкетираните во предизборието ги претпочитаат актуелните функционери од традиционалните партии.
Три години откако движењето беше формирано од страна на Макрон за освојување на претседателската функција, РЕМ не успеа да создаде политички идентитет базиран на нешто повеќе од неговата личност и не успеа да даде други лидери со препознатливост, локална поддршка и политики за лесна идентификација што се потребни за победа на едни избори. Бидејќи не ги поседуваат овие карактеристики, кандидатите на РЕМ се поизложени да бидат казнети за непопуларните реформи за кои Макрон се залага, како што е промената на пензискиот систем.
Во десетте најголеми француски градови, кандидатите на РЕМ во анкетите водат само во два и тоа со многу мала разлика. Во Лион води актуелниот градоначалник Жерар Колон кој одамна е во политиката и беше меѓу првите поддржувачи на Макрон. Во Стразбур разликата во анкетите е тесна, а во сите други градови предност имаат кандидатите од традиционалните партии додека во Тулуз, движењето поддржа кандидат на републиканците.
– Очигледно е дека ние сме предизвикувачите на овие избори. Треба да презентираме проекти што ќе ги привлечат граѓаните дури и кога се задоволни од актуелниот градоначалник. Секоја друга алтернатива е сложена – изјави Мари Гивно, копретседателка на комитетот за селекција на кандидати во РЕМ.
Движењето не води самостојна кампања секаде, па така во осум изборни единици од 20-те најголеми градови поддржува кандидати од други партии, меѓу кои и традиционалните, на пример во Ница и во Марсеј кој одамна се бори со корупција и лошо управување. Но РЕМ се соочува со посуштински проблеми.
– Гласачите тешко се идентификуваат со политиките на Макрон на локално ниво. РЕМ е центрирана околу личноста на Емануел Макрон, кој иако направи успешна слика, гласачите не беа убедени од нивните кандидати во Стразбур и во Париз – порача Жан-Даниел Леви од анкетниот институт „Харис интерактив“.
Парискиот секс скандал
Во Париз каде што Макрон победи во двата претседателски круга, на РЕМ тешко му оди и покрај тоа што актуелната градоначалничка Ан Идалго е силно поларизирана. Неа остро ја критикуваат за забраната на сообраќај по две фреквентни улици долж кејот и плановите за изградба велосипедски патеки во градот кои предизвикуваат голем метеж, а парижаните се жалат дека градот станал уште повалкан во нејзиниот мандат.
Привичниот кандидат на движењето, Бенжамен Гриво, беше трет во анкетите додека не беше принуден да се повлече од кампањата во средината на февруари поради секс-скандал. Неговата замена, поранешната министерка за здравство Ањез Бузин, има подобар рејтинг, но сè уште е на третото место во анкетите.
– Тоа што Ањез Бузин има подобар рејтинг покажува дека луѓето не секогаш сакаат иновативни политики. Од друга страна сакаат сигурност, стабилност и блискост, а токму таа ги поседува овие карактеристики – изјави владин претставник близок на Макрон, кој сакаше да остане анонимен.
Предноста на Бузин е што е една од малкуте министри кои беа во власта на Макрон, што успеа да изгради национален имиџ.
– Имам впечаток дека претседателот не го поттикнува истакнувањето на силни политичари во редовите на неговото движење. Кој одлучи за замената на Бенжамен Гриво? Дури и за локални прашања, Макрон е тој што ги влече конците – порача Леви.
Ова ги подгреа шпекулациите дури и меѓу ЛРЕМ дека планот на претседателот не е да изгради политичка партија која ќе постои и откако ќе истече неговиот мандат, иако други не се согласуваат.
Превод: Билјана Здравковска