По вчерашниот терористички напад во местото Крајстчерч каде загинаа 49 луѓе, првоосмничениот Брентон Тарант (28) се појави пред судот во Нов Зеланд, за обвнинение за едно убиство. Во следниот период се очекува да му се суди и за сите други убиства, јавува Би-би-си.
Убиецот Тарант, кој е опишан како „бел националист и екстремист“, според присутните во судот, стоел мирно за време на постапката. Тој останува во притвор без можност за негово ослободување, а пред судот повторно треба да се појави на 5 април.
Уште двајца осомничени се во притвор, а никој од приведените нема полициско досие.
Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн изјави дека Тарант имал пет пушки и дозволи за оружје и додаде дека во следниот период во земјата ќе се менуваат законите за поседување на оружје. Таа го нарече нападот во Крајстчерч „чин на терор“, а официјалните лица сè уште се обидуваат да ги идентификуваат сите жртви.
Првата личност која јавно беше идентификувана е 71-годишниот Дауд Наби, човек роден во Авганистан.
На пресконференција, Ардерн изјави дека оружјето кое напаѓачот го користел било модифицирано и дека автомобилот на осомничениот бил полн со други видови на огнено оружје, што сугерира дека имал намера да продолжи со нападите.
Денес, премиерката на Нов Зеланд дополнително појасни дека Брентон Тарант имал дозвола за користење и поседување на оружје од ноември 2017 година, со која законски ги купил пушките кои ги искористил во крвавиот напад.
– Поради фактот што оваа индивидуа имала дозвола за оруже и легално го поседувала, тогаш очигледно е дека луѓето ќе очекуваат промени, а јас ќе се посветам да ги спроведам тие промени – рече Арден.
Новозеландскиот јавен обвинител Дејвид Паркер рече дека владата во земјата ќе разгледа можности за целосно забранување на полуавтоматското оружје, но досега нема никаква одлука. Претходните обиди за затегање на законите за оружје во Нов Зеланд беа неуспешни, поради силното лоби на поддржувачите на користењето и поседувањето на оружје и поради силната ловечка култура.
Осомничениот не бил на „радарот“ на полицијата
Осомничениот Тарант патувал во повеќе земји во светот, а некое време минал и во Нов Зеланд, изјави премиерката Ардерн, без формално да го идентификува.
Таа дополни дека безбедносните служби во земјата ќе ја зацврстат контролата и ќе извршат истраги за потенцијални десничарски екстремисти, но претходно потенцираше дека индивидуата која го извршила нападот не била на „радарот“ на службите.
Пред нападот, на социјалните мрежи на убиецот Брентон Тарант се појави долг, расистички документ, на кој авторот ги навел џамиите кои потоа ги нападнал.
Текстот е насловен како „Големата замена“, фраза која се појави во Франција и се користи од страна на европските екстремисти кои се против имиграцијата. Тарант изјавил дека тој го планирал овој напад по посетата на Европа во 2017, а настаните кои се случувачле со миграцијата дополнително го „налутиле“.