Ова е чин на војна, кажа Кристофер Милер, последниот секретар за одбрана во мандатот на претходниот американски претседател Доналд Трамп, зборувајќи за наводните напади врз дипломатскиот персонал и разузнавачите од страна на непознато „микробраново“ оружје. Но САД би морале да дознаат дали воопшто постои такво оружје пред да објават војна против непознатиот непријател, пишува „Форин полиси“.
Насочена радиофреквенција најверојатно е објаснувањето за мистериозните симптоми што ги доживеаја американски дипломати во амбасадата на САД во Хавана, објави кон крајот на минатата година американската влада, цитирајќи го извештајот на Националната академија на науките и инженерството. Покрај споменувањето на насочената радиофреквенција, извештајот ја остави отворена и можноста за повеќе поврзани фактори, вклучително и психолошки и социјални фактори.
А т.н. „синдром Хавана“ долго време беше предмет на интензивни шпекулации поради природата на симптомите и локациите на амбасадите, како што се Куба и Кина, како и поради молкот на американската влада во врска со мистеријата што погоди повеќе од 40 вработени во државните служби од 2016 до 2018 година. Тие се жалеа на мачнина, главоболки, вртоглавица и на други необјаснети симптоми.
– Настрана од симптомите не постои доказ дека постои микробраново оружје, а науката сугерира и дека таквото оружје би било непрактично. Можно е дека симптомите на погодените од „синдромот Хавана“ се последица на непозната причина, а исто така е можно дека се поврзани со конкретни здравствени проблеми кои резултирале со синдромот – се наведува во анализата на американскиот магазин.
Без јасна биолошка поврзаност на микробрановите со „синдромот Хавана“ не е можно да се опише оружјето кое би го создало синдромот. Не е позната фреквенцијата на наводните миробранови, како ниту нивната природа. А експертите тврдат дека развојот на ваквото оружје тешко би се одржал во тајност.
Доказите за микробрановите ефекти од овој вид категоризирани како „синдром Хавана“ се исклучително слаби. Ниту еден поддржувач на оваа теорија не објаснил како оружјето всушност би функционирало. А не се понудени никакви докази дека такво оружје е развиено од страна на која било нација. Всушност, нема докази за постоењето на мистериозно оружје, заклучува „Форин полиси“.