Талибанците се пробија до главниот град на Панџшир, последната авганистанска провинција која се спротивставуваше на нивното владеење, со што беа на чекор од прогласување на потполна победа, пишува „Гардијан“. Талибанците објавија фотографии на социјалните мрежи, на кои нивните борци се пред влезот од зградата на локалната власт во Базарак. Гласноговорникот на групата Забиула Муџахид соопшти дека Панџшир е под контрола на талибанците.
– Со оваа победа, нашата држава потполно е извлечена од заканата на војна – кажа Муџахид.
Талибанците преку видеоснимка ги повикуваат луѓето да се симнат од планините, сугерирајќи дека одреден број на локални борци уште имаат намера да војуваат, и покрај падот на главниот град на Панџшир. Претставник на локалниот отпор НРФА ги отфрли тврдењата на талибанците дека преземале контрола врз провинцијата. Лидерите на Панџшир засега не се огласуваат, откако претходно повикуваа на мировни преговори, под притисок на талибанските сили.
Доколку талибанците ја потврдат контролата врз Панџшир, тоа ќе биде нејзино прво заземање по низата конфликти во изминатите четири децении. Панџшир, чие име значи „пет лава“ на персиски, претставува природна тврдина. Наспроти блискоста до Кабул, ниту една власт, странска или авганистанска, досега никогаш не успеала да ја заземе и задржи со сила оваа провинција. Панџширските лидери, пак, отсекогаш истакнувале дека долината е дел од Авганистан, но под сопствени услови.
Талибанците ја преземаа контролата врз Авганистан пред три недели, заземајќи го Кабул на 15 август, по падот на владата поддржана од Западот.