Мула Норудин Тураби, еден од основачите на талибанците и главен иницијатор за строго толкување на исламскиот закон за време на последното владеење на талибанците во Авганистан кон крајот на 1990-тите, рече дека повторно ќе се извршуваат егзекуции и ампутација на раце, иако најверојатно тоа нема да се случува во јавност.
Во интервју за АП, Тураби го отфрли гневот поради егзекуциите на талибанците во минатото, кои понекогаш се случуваа пред толпата луѓе на стадионот и го предупреди светот да не се меша во акциите на новите владетели на Авганистан.
„Сите нè критикуваа за казните на стадионот, но ние никогаш не кажавме ништо за нивните закони и казни“, рече Тураби.
„Никој нема да ни каже какви треба да бидат нашите закони. Ќе го следиме исламот и ќе усвоиме закони базирани на Куранот”, посочи тој.
Коментарите на Тураби укажуваат дека водачите на групата остануваат длабоко конзервативни, иако прифаќаат технолошки промени, како што се видео и мобилни телефони, наведува АП.
Тој рече дека судиите, вклучително и жени, ќе судат за предметите, но основата на авганистанскиот закон ќе биде Куранот.
„Отсекувањето на рацете е многу неопходно од безбедносни причини“, нагласи Тураби, велејќи дека овој вид казна има застрашувачки ефект.
Тој додаде дека кабинетот проучува дали казните ќе бидат јавно извршени.
Во последните денови во Кабул талибанските борци ја обновија казната што ја користеа во минатото за луѓето обвинети за ситни кражби, а тоа е да ги засрамат.
Најмалку двапати во последната недела мажи од Кабул беа сместени во задниот дел на камион со лисици на рацете и возени за да бидат понижени.
Во еден случај, нивните лица беа обоени за да ги означат како крадци.
Во друг случај, бајат леб им висел околу вратот или им ги полнеле устите со него.
Не се знае точно какви злосторства тие извршиле.