Судовите во американските држави Мичиген и Џорџија ги отфрлија барањата на штабот на американскиот претседател Доналд Трамп да престанат да се бројат гласовите во тие држави.
Претставниците на кампањата на Трамп изјавија дека тие почнале судска постапка за прекинување на пребројувањето на гласовите со цел да им се овозможи подобар увид во обработката на податоците.
Боб Бауер, советник во кампањата на демократскиот кандидат и поранешен потпретседател Џо Бајден, смета дека барањето на Трамп служи само за испраќање порака.
– Нема друга цел, освен да се збуни јавноста за тоа што се случува и да се поддржат нивните неосновани обвинувања за неправилности – изјави Бауер.
Во Мичиген, сојузната држава што Трамп ја доби на изборите во 2016 година, се очекува победа на Бајден.
На национално ниво Бајден се приближува до победа на неизвесните избори што се одржаа на 2 ноември, а чиј исход зависи од минималните разлики во неколку држави.