Бродот „Јавуз“ се закотви североисточно од полуостровот Карпасија, кој е обиколен од спорни територијални води. Другиот турски брод „Фатих“ е закотвен на околу 37 наутички милји од западниот брег на островот, во област за која Кипар тврди дека е негова Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ), односно поморска зона во која има права врз тамошните природни ресурси.

Се смета дека регионот во близината на поделениот остров располага со огромни резерви природен гас, поради што се заостри трката меѓу Турција и меѓународно признаениот Кипар, кој исто така планира да ги интензивира истражувачките активности во источниот Медитеран.

Кипар беше поделен во 1974 година, по турската инвазија како резултат на краткиот државен удар од страна на Грците. Пропаднаа неколку преговори за примирје, а тие дополнително се усложнија поради откривањето на ресурсите во морето.