Авион со 141 патник и член на екипажот денеска бил ставен во карантин во францускиот град Перпинан, каде пристигнал од алжирскиот град Оран, поради сомнеж дека осумгодишно дете во леталото боледува од колера.
Француските власти се посомневале откако детето почнало да повраќа и да има дијареја. По слетувањето, детето и неколку патници кои седеле до него биле хоспитализирани, а другите лица во авионот биле пуштени по лекарска проверка.
Во август во Алжир беа регистрирани првите случаи на колера во изминатите 22 години при што две лица починаа, а над 60 беа инфицирани. Алжирските власти одговорија на ширењето на болеста со масовни кампањи за чистење на запуштените депонии и сметот од улиците.