Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг синоќа од Варшава упати апел до Русија да го почитува Договорот за ракетите со краток и среден дострел (ИНФ), додавајќи оти Алијансата од своја страна нема да одговори на кршењето на ИНФ со поставување на нови нуклеарни ракети во Европа.
– Мораме да бидеме подготвени, да планираме свет без ИНФ. Можам сосема сигурно да кажам дека нашиот одговор ќе биде избалансиран и координиран од цело НАТО. Немаме намера да поставуваме нови нуклеарни ракети во Европа- истакна Столтенберг по средбата со претседателот на Полска, Анжеј Дуда.
Столтенберг истакна дека Русија веќе го крши ИНФ, бидејќи ги поставува своите мобилни ракети и ја повика Москва да го почитува Договорот бидејќи истиот претставува основа за безбедноста на Европа.
Генералниот секретар вчера претстојуваше во Полска по повод одбележувањето на 20-годишнината од членството на земјата во Алијансата. Столтенберг потенцира дека со Полска е зајакнато источното крило на НАТО, но ја потенцира и улогата на полските војници во мисиите на Алијансата во странство.
– Со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг разговарав и за ситуацијата во Црно Море, во Сирија и на Блискиот Исток, во регионот на Балтичко Море и за тоа што може да се очекува од Русија, а исто така, како и за тоа како да и помогнеме на Украина- посочи Дуда.