ЕУ ги здружува силите во одбрана од хакерите
Новиот бран на сајбер-напади го натера Брисел да ги здружи силите во одбрана од хакерите. Според најавите, Европската комисија отвора специјална единица, која ќе има за задача да ја координира постојаната соработка меѓу европските агенции за сајбер-безбедност и властите во блокот
Дека сајбер-заканите се сериозен проблем дури и за најмоќните држави говорат претпазливоста и стратегиите, кои тие во последно време сѐ повеќе ги спроведуваат во насока на заштита на просторот на интернет од несаканите упади на вештите компјутерџии. Имено, Европската Унија (ЕУ) минатата недела изготви план за новата сајбер-единица, која ќе има задача брзо да одговори на можните сајбер-напади.
Според пишувањата на магазинот „Политико“, оваа елитна единица ќе им овозможи на националните држави, кои би биле погодени од сајбер-напад, да побараат помош од други држави и од ЕУ, а ќе опфаќа и тимови за брз одговор што ќе можат веднаш да реагираат и да овозможат одбрана од хакери во реално време. Ваквиот чекор на Брисел доаѓа по последната серија напади на европска почва од страна на хакери и попречување на електронската работа на институциите во блокот. Во тој контекст, како што наведува магазинот, на Стариот Континент предизвика загриженост дека Европа не може да се одбрани самата или нејзините трговски тајни од противниците.
Па, така, европскиот план, кој го претстави Брисел неодамна, меѓу другото на државите-членки ќе им помага да се одбранат од високософистицирани и силни напади преку здружување на капацитетите за сајбер-безбедност на националните влади. Според планот, ќе се воспостави платформа за полиција за сајбер-криминал, сајбер-агенции, дипломати, воени служби и фирми за сајбер-безбедност за да ги координираат одговорите и да споделуваат ресурси. Покрај тоа, ќе се подготвуваат извештаи за процена на закани, ќе се подготвуваат и тестираат планови за одговор на кризи и ќе се воспостават договори за споделување информации меѓу властите и приватните фирми за сајбер-безбедност.
Бавен почеток
Претходно Европската комисија прво вети дека ќе формира здружена сајбер-единица уште во 2019 година за спречување сајбер-напади, во кои беше извршен упад во европските институции, агенции, национални министерства и оддели, како и во водечки европски компании и организации. Но на планот му беа потребни многу месеци за да се финализира, бидејќи ЕУ нема надлежност за националната безбедност, а членките од Унијата се двоумеа дали да ја предадат контролата во однос на тоа.
Оттогаш националните и европските институции станаа цел на голем бран сајбер-напади, што беше повод за владите да се здружат. Европската агенција за лекови беше токму цел на тие напади, а кампањите за сајбер-шпионажа беа насочени кон неколку владини претставници, вклучувајќи го министерот за надворешни работи на Белгија и десетици полски политичари, додека болниците во Ирска и во Франција станаа цел на сајбер-напади за откуп.
Соработка на агенциите за сајбер-безбедност
Планот на комисијата, кој официјално важи за „препорака“ до националните влади, вклучува и формирање агенција за сајбер-безбедност на Европската Унија (ЕНИСА), која всушност ќе раководи со единицата, најверојатно, од новите канцеларии во Брисел. Единицата исто така ќе ја координира постојната соработка меѓу сајбер-агенциите и властите во блокот. Една група членки на ЕУ веќе формираа здружени тимови за одговор на сајбер-напади во рамките на европската програма за одбранбена соработка. Агенциите за сајбер-безбедност заедно работеа на креирање политики за заштита на изборите и на инфраструктурата за 5Г-технологијата, а од сите страни на континентот полициите за сајбер-криминал остваруваат заедничка соработка на истрагите во Европскиот центар за сајбер-криминал.
Сепак, повеќето европски земји сами се справуваат со сајбер-нападите, а нивните капацитети драстично варираат од членка до членка. Комисијата се надева дека единицата ќе биде целосно во функција до крајот на 2022 година, како и дека европската индустрија за сајбер-безбедност ќе биде вклучена во операциите до првата половина на 2023 година, како што се наведува во планот.
Покрај препораката за здружена сајбер-единица, комисијата исто така објави извештај за напредокот на својата стратегија за сајбер-безбедност, која беше претставена во декември. Таа исто така ја претстави и својата анализа за безбедноста на 5Г-мрежите „Опен РАН“, чија намена е да бидат алтернатива за доставувачите на 5Г-опрема како „Хуавеи“ и „Ериксон“, кои вклучуваат американски, јапонски и други нови телекомуникациски доставувачи.
Зошто владите одлучуваат да ги преместат главните градови
Да се пренесе еден цел главен град на комплетно нова локација е тежок предизвик, но тоа им успеа на некои држави во минатото, а во иднина претстои уште еден ваков потег. Во поновата историја, Германија ги пресели својата влада и администрација од западниот град Бон во Берлин, по обединувањето во 1991 година. Но политичкото преструктурирање не е најчестата причина за преселување на главниот град. Во повеќето случаи земјите се стремеле да создадат неутрален град, да развијат одреден регион или да минимизираат конфликт меѓу градови што се борат за таа позиција. Такви примери се создавањето на главниот град во Вашингтон во 1790 година или бразилска Бразилија во 60-тите години на минатиот век. Казахстан ја префрли престолнината во Астана, а се претпоставува дека таквиот чин е резултат на стравови од руски експанзионизам и затоа главниот град сега се наоѓа поблиску до границата. Од неодамна и Мјанмар се одлучи главниот град да биде Непјидо, додека на африканскиот континент во Нигерија и во Танзанија се изградени два главни града со посебна цел.