Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен истакна дека е добро што земјите на ЕУ започнале да ги укинуваат рестриктивните мерки

ЕУ подготвува правилник за претстојната летна сезона

Европејците се во фаза на наоѓање паметни мерки што ќе им овозможат на нивните граѓани, и покрај пандемијата од коронавирусот, да заминат на летните одмори. Ова го рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во своето неодамнешно интервју за магазинот „Еспресо сандеј“, во кое нејзиниот тон беше поблаг во споредба со претходниот, во нејзино интервју од пред две седмици во кое таа истакна дека луѓето не треба да ги резервираат годинашните летни одмори, пишува „Политико“.

– Мислам дека ќе најдеме паметни решенија за летните одмори. Можеби малку поразлични, со подобри и други хигиенски мерки, со малку повеќе физичко растојание, но импресивно е да се види дека ќе најдеме решенија – рече Фон дер Лејен. Претседателката на комисијата истакна дека е добро што земјите на ЕУ почнуваат да ги укинуваат рестриктивните мерки, но во исто време предупреди дека владите мораат да одат внимателно напред, чекор по чекор и секогаш со претпазливост. Оваа недела Европската комисија објави упатства за подобрување на координацијата меѓу 27-те национални престолнини при укинувањето на рестриктивните мерки.

– Тешко е да се предвиди какви ќе бидат следните месеци, но она што јас го гледам е дека почнуваме да учиме да живееме со вирусот – истакна Фон дер Лејен, додавајќи дека е „импресионирана“ од решенијата што биле откриени и овозможиле да работат неколку економски сектори. Околу одговорот на ЕУ за избувнувањето на коронавирусот, претседателката на комисијата призна дека имало „критични моменти“ на почетокот од кризата, но по неколку дена земјите на Унијата сфатиле дека не можат сами да управуваат со оваа криза и координацијата се подобрила.
– Сега гледаме како романските лекари и полски медицински сестри одат во Италија за да помогнат, гледаме француски пациенти што се лекуваат во Австрија или во Луксембург, гледаме респиратори што одат од Германија за Шпанија.

Ова е Европа што ја сакам, каде што поддржувачкото срце силно чука и вака мора да одиме напред – истакна Фон дер Лејен. Во исто време шефот на ЕК ја отфрли идејата дека кризата се заканува со колапс на ЕУ, откако лидерите, како што е премиерот на Португалија Антонио Коста, го доведоа во прашање опстанокот на европскиот проект со 27 земји-членки, доколку не се гарантира поддршката за најпогодените економии.
– Не, мислам дека докажавме дека можеме да растеме со оваа криза и повторно да бидеме заедно – додаде Фон дер Лејен.


Белгија в петок со план и мерки за олеснување на карантинот

Белгиската влада в петок ќе го претстави планот за олеснување на рестриктивните мерки, кои имаа цел да го запрат ширењето на коронавирусот. Ова го изјави премиерката на Белгија Софи Вилмес. Вилмес во интервју за весникот „Ле соар“, објавено во неделата, рече дека земјата ќе преземе постепен пристап „чекор по чекор“ за укинување на ограничувањата, каде што истовремено Владата би можела исто така да воведе построги мерки доколку вирусот повторно се појави.

– В петок ќе подготвиме план што ќе утврди како да ги започнеме спроведувањата на следните чекори за укинување на ограничувањата на движење – изјави таа за весникот. Овој план ќе биде проследен со цела низа услови, кои министрите во Владата и експертите досега ги размислувале и кои се најсоодветни, но и како да ги спроведат. Инаку, белгиската влада минатата недела го продолжи полицискиот час до 3 мај, притоа одржувајќи строги мерки за карантин за населението.