Заробеништвото во мала соба без прозорци на крузер, веројатно не е одмор од соништата, но едно семејство од Австралија се обидува да се справи на најдобар можен начин со ситуацијата во која се најде, пренесувајќи ги искуствата за порталот „Базфид“.
Крузерот со речиси 3.700 патници, меѓу кои и тројца македонски државјани, се наоѓа во двонеделен карантин на пристаништето во Јокохама, Јапонија. Според последните информации, ниеден од македонските државјани не е заразен од коронавирусот, но тие, како и останатите патници, остануваат во карантин.
– Се што ви треба е пар слушалки и добра музика – вели 19-годишниот Зандер Со, кој е на бродот „Дајмонд принцес“ заедно со 16-годишната сестра Кејтлин и нивните родители Џеф и Тан.
Комуникацијата преку социјалните мрежи исто така му помага на семејството.
– Го загубивме поимот за време, но за среќа ги имаме социјалните мрежи за да разговараме со пријателите, што не држи разумни – објаснува Кејтлин.
Тие се согласуваат добро додека се заедно.
– Се согласуваме добро и се шегуваме, а кога децата сакаат да се одвојат, одат на во нивните кревети со слушалки – посочува Тан.
Таа додава дека неизвесноста со која семејството се соочува и по излегување од карантинот претставува најголема грижа за нив.
– Дали ќе бидеме подложени на дополнителен карантин. Ова е наша најголема грижа моментно. Не знаеме што ќе се случува и мораме да се избориме со оваа ситуација пред да се вратиме дома, на секојдневниот живот. Но гледаме на ова како на авантура. Безбедни сме, заедно сме, и екипажот се грижи за нас. Ние сме позитивни и ќе бидеме добро – заклучува Тан.
Шест нови случаи на заболени од коронавирус се пријавени денеска меѓу патниците на крузерот „Дајамонд принцес“ закотвен крај јапонскиот град Јокохама, со што вкупниот број на заразени достигна 70, пренесува „АП“.
Крузерот ја напуштил Јокохама на 20 јануари, а се вратил на 3 февруари од кога е во карантин. Меѓу патниците бил и кинески државјанин заразен со коронавирус, кој на 25 јануари се симнал во Хонгконг. Јапонските власти решија да го стават бродот во двонеделен карантин, за да се спроведат медицински тестови над сите патници.