Тензиите меѓу двете земји во Нагорно Карабах не запираат со текот на годините, и покрај обидите на странските дипломати да постигнат мирно решение. Засега битките меѓу Ерменија и Азербејџан главно се водат со артилерија, тенкови, беспилотни летала и хеликоптери
Војната меѓу азербејџанските и ерменските сили по неколкугодишна пауза повторно избувна во Нагорно Карабах. Имено, тензиите меѓу овие две земји всушност никогаш не ни запреле низ текот на годините, и покрај многуте обиди на странските дипломати да постигнат мирно решение за регионот. Засега битките главно се водат со артилерија, тенкови, беспилотни летала и хеликоптери. Но што точно имаат на располагање армиите на Ерменија и на Азербејџан е прашањето што го анализира во своја објава електронскиот сервис на српската национална телевизија РТС. Како што наведува РТС во својата анализа, во армиите на Азербејџан и на Ерменија главно доминира советско односно руско оружје. Според РТС, кога се зборува за овој конфликт, мора истовремено да се споменат уште две големи заинтересирани сили, Турција и Русија. Според српската национална телевизија, Русија со години им продава оружје на двете земји, но има интензивна воена соработка со Ерменија, каде што на нејзино тло постои и руска воена база. Исто така, Ерменија е членка на ООК, што ѝ обезбедува поголеми можности за соработка со Русија и набавка на оружје. Од друга страна, Турција отворено го поддржува Азербејџан. Во таа насока Ерменија тврди дека ги напаѓаат турски авиони „Ф-16“ и дека еден од нив всушност го соборил и ерменски „Су-25“, но Азербејџан и Турција истовремено го негираа тоа. Во меѓувреме, Азербејџан и Ерменија низ конфликтните години веќе изгубија добар дел од оружјето и опремата во војната за Нагорно Карабах, па како резултат на тоа од неодамна почнаа реконструкција и инвестиции во армиите. Исходот од воените конфликти не е секогаш лесно да се предвиди, тој зависи од многу фактори.
Што поседува Азербејџан
Аналитичарите генерално се согласуваат дека Азербејџан има посилна и побројна армија, но дека Ерменија има одредени стратегиски предности поради конфигурацијата на теренот и областа што ја контролира. Понатаму, РТС во анализата за соодносот на силите меѓу завојуваните страни наведува дека Азербејџан покажува мускули на копно, во воздух и на море. Според Глобалниот индекс на воена моќ, кој ги рангира армиите во светот, Азербејџан е на 64-то место од вкупно 138 на оваа листа. Земјата има околу 67.000 активни војници и уште 300.000 резерва, каде што вкупното население е околу 10 милиони луѓе. Буџетот за одбрана на Азербејџан е две милијарди и 805 милиони долари, а таа земја, како и Ерменија, го зголеми својот воен буџет во текот на изминатата деценија.
Според ЦИА, буџетот за одбрана на Азербејџан во 2019 година изнесувал четири проценти од БДП, што е многу високо и го става на десеттото место во светот според тој параметар. Кога станува збор за механизацијата, се наведува дека Азербејџан има околу 500 тенка и повеќе од 1.400 оклопни возила. Армијата располага со тенковите од типот „Т-55“, „Т-72“ и „Т-90С“. Од друга страна, „БТР-60“ и „БТР-70“ доминираат меѓу оклопните транспортери. Дополнително, земјата располага со 187 парчиња самоодна артилерија и 227 парчиња влечна артилерија, како и минофрлачи. Најчест е самоодниот лансер „2С3“, попознат како „каранфилче“. Што се однесува до силите во воздух, азербејџанското воено воздухопловство има вкупно 147 авиони. Основата се авионите од типот „миг 29“ купени од Украина. Покрај тоа, тука се и „Су-24“ и „Су-25“, како и „миг 21“. Азербејџан поседува и еден транспортер „Ил-76“.
Ерменија издвојува речиси пет проценти од БДП за одбрана
Од друга страна, ерменската армија е на 111-то место на веб-страницата на „Глобалниот индекс на воена моќ“. Армијата се состои од 45.000 активни војници и 200.000 резервисти (од вкупно население околу три милиони луѓе). Буџетот за одбрана е една милијарда и 385 милиони долари. Според ЦИА, Ерменија издвојува речиси 4,9 проценти од БДП за одбрана и е седма во светот според тој параметар. Процентот на инвестирање во армиите на Азербејџан и на Ерменија кажува многу за свеста и подготвеноста на тие земји за војна.
Во меѓувреме, Ерменија има 110 тенка, од кои најмногубројни се „Т-72“. Армијата се состои од 748 оклопни борбени возила, меѓу кои доминира „БМП-1“. Постојат и самоодни лансери „2С1“, но има повеќе артилерија за влечење. Според податоците од повеќето портали за вооружување, воздухопловните сили се состојат од 64 авиони, од кои девет се борбени бомбардери, три се транспортни и 13 се училишни. Сепак, според некои информации, Ерменија скоро набавила авиони „Су-30СМ“ од Русија и се планираат дополнителни испораки на земјата. Тоа е авион од генерацијата четири плус, со исклучителни карактеристики за маневрирање. Во однос на хеликоптерите, Ерменија има 37 хеликоптери, од кои 20 се напаѓачки. Главната улога ја игра јуришниот хеликоптер „Ми-24“, наречен летачки тенк.
Што видовме досега?
Сепак, проценувањето на состојбата на армиите „на хартија“ и рангирањето секогаш се неблагодарни, бидејќи не се прикажуваат податоците за состојбата на опремата, оружјето и обуката и моралот на војниците. РТС наведува дека не се познати размерите на последната ескалација на конфликтот околу Нагорно Карабах, но засега борбите се водат претежно со тенкови, артилерија и беспилотни летала. Податоците за човечки и материјални загуби се различни, но врз основа на објавени слики и фотографии, српската телевизија вели дека може да се заклучи какво оружје и опрема се користат досега. Двете земји имаат понапредно оружје што сè уште не е користено. Азербејџан, на пример, тврди дека уништува системи „С-300“ што се приближуваат кон зоната на конфликтот. Секако, уште поинтензивен конфликт меѓу двете земји тешко дека би поминал без директно или индиректно мешање на странските сили, особено затоа што Кавказ е на стратегиски важна позиција, каде што многумина ги гледаат своите интереси.