Одговор на новото барање на британската премиерка Тереза Меј за одлагање на Брегзит до 30 јуни може да дадат само шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ, кои ќе се сретнат в среда на 10 април во Брисел, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.
– Свесни сме за писмото што премиерката Меј утрово го испрати до претседателот (на Советот на ЕУ), Доналд Туск. Но, тоа е нешто на што одговор може да даде само Европскиот совет – изјави Схинас.
Тој нагласи дека не сака да прејудицира, предвидува или да ги интерпретира можните одговори и веќе искажаните коментари и ставови на разни претставници на ЕУ за можниот европски одговор на барањето на Меј.
Претседателот на Еврокомисијата. Жан-Клод Јункер минатиот месец веќе го одби претходното барање на Меј за одлагање на Брегзит до 30 јуни, нагласувајќи дека таквото пролонгирање би можело да ги наруши изборите за Европскиот парламент предвидени за крајот на мај.
Меј денеска во писмо упатено до Туск повторно побара одлагање на Брегзит до 30 јуни, со цел да им се овозможи на пратениците во Долниот дом на британскиот Парламент да добијат дополнително време за усвојување на Договорот за истапување на Велика Британија од Европската Унија.
Британската премиерка во писмото посочува дека доколку пратениците го усвојат договорот во следниве недели, можно е Брегзит да се случи и пред рокот од 30 јуни. – Владата сака да договори распоред за ратификација кој ќе овозможи излегување на Велика Британија од ЕУ пред 23 мај 2019 и откажување на изборите за Европскиот парламент, но ќе продолжи да работи на одговорни подготовки за одржување на изборите доколку усвојувањето (на Договорот) се покаже невозможно, наведува Меј во писмото.
Претходно, висок неименуван претставник на ЕУ изјави дека Туск предложил да и се дозволи на Велика Британија „флексибилно продолжување“ на рокот за напуштање на ЕУ за период од 12 месеци.
Таквиот предлог би и овозможил на Велика Британија да ја напушти ЕУ најдоцна во рок од 12 месеци. Истапувањето би можело да се случи и порано, доколку Парламентот во Лондон го прифати Договорот за Брегзит, што го постигнаа британската Влада и Брисел лани во ноември, а кој пратениците во Вестминстер досега го отфрлија во три наврати.
Меј уште минатиот месец побара од лидерите на ЕУ одлагање на Брегзит до 30 јуни, кој првично беше предвиден за 29 март, но шефовите на држави или влади на членките на Унијата одобрија пролонгирање на напуштањето на блокот најдоцна до 22 мај, под услов Парламентот во Лондон да го прифати Договорот за британското истапување. Според таа одлука на Европскиот совет, доколку Парламентот не го прифати документот, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.