Две недели пред првата посета на американскиот претседател Џо Бајден на Европа по стапување на функцијата, данските медиуми објавија дека тамошните државни тајни служби им помогнале на американските колеги да ги шпионираат европските лидери, пишува „Политико“.
Таквото извествување ги потсети Европејците во 2013 година кога Едвард Сноуден ги разоткри обемните американски програми за надзор, вклучувајќи го прислушувањето на мобилните телефони да шефовите на државите-сојузнички на САД, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел.
Тогашниот американски претседател Барак Обама имаше непријатни разговори со европските лидери за шпионирањето на сојизниците. Сега неговиот поранешен потпретседател ќе треба да ги увери Европејците во нивното сојузништво, кога ќе го посети Корнвол во Велика Британија за самитот на Г7 на 11 јуни.
Тајмингот на данската објава затоа не можеше да биде понезгоден за Бајден. Особено додека Вашингтон и Брисел се вклучени во преговори за нов трансатлантски договор за пренос на податоци, кој треба да ја замени старата спогодба отфрлена од ЕУ поради загриженоста за американското шпионирање.
– Ако овие откритија за шпионирање се точни, сакам да кажам дека тоа не е прифатливо меѓу сојузниците. Уште помалку прифатливо е меѓу сојузниците и европските партнери, а јас сум обврзан кон односите помеѓу Американците и Европејците кои се засновани врз доверба. Нема простор за сомнеж – кажа францускиот претседател Емануел Макрон, додавајќи дека француската влада побарала од Данска и од САД да ги споделат информациите поврзани со шпионажата.
Данските медиуми тврдат дека данските разузнавачки служби им овозможиле на колегите од Агенцијата за национална безбедност на САД да ги шпионираат германските, француските, норвешките и шведските политичари преку интернет-врските во Данска. Таквиот случај потсетува на Сноуден, чии откритија доведоа до голема дебата во врска со безбедноста и приватноста на Европејците, а и натаму ги оптоваруваат трансатлантските односи.