Кореа хералд
Наводното самоубиство на сеулскиот градоначалник Парк Вон-сун повторно во центарот на вниманието го стави проблемот со самоубиствата во Јужна Кореја. Парк е последната жртва на зголемената листа на познати личности кои си го одземаат животот. Таа ги вклучува прогресивните личности како поранешниот претседател Ро Му-хјан и поранешниот лидер на Партијата за правда Ро Хо-чан.
Самоубиствата на познати личности се речиси честа појава во Јужна Кореја, а сомнителните мотиви варираат од нарушен политички углед до депресија поради долгогодишно малтретирање на Интернет.
Зачестеноста со која се случуваат ваквите смртни случаи и силното медиумско внимание го поттикнаа Здружението на корејски новинари да објави препораки за вести поврзани со самоубиства. Веќе неколку години ваквите статии задолжително се објавуваат заедно со информации за помош.
Иако самоубиствата на познатите личности привлекуваат големо медиумско внимание, ваквата појава во јавноста е голем општествен проблем. Јужна Кореја има една од највисоките стапки на самоубиства во светот со тоа што таа изнесуваше 26,6 отсто на 100.000 жители од 2018 година. Според податоците од 2017 година на организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), стапката изнесуваше 23 отсто на 100.000 жители, со тоа што Јужна Кореја имаше највисока стапка на самоубиства од сите развиени нации.
Според податоците на Министерството за здравје и добросостојба, Корејците имаат два пати поголеми шанси да извршат самоубиство од Корејките, а стапката расте заедно со возраста. Податоците покажуваат дека стапката на самоубиства меѓу Корејците во 2018 година изнесувала 38,5 отсто на 100.000 жители што е 2,6 пати повисока од онаа кај жените, која изнесувала 14,8 отсто на 100.000 жители. Од вкупно 13.670 Корејци кои се самоубиле во 2018 година, 72,1 отсто биле мажи.
Според возрасната група, кај оние со 80 и повеќе години била забележана највисока стапка на самоубиства од 69,8 отсто на 100.000 жители. Бројката опаѓа согласно со возраста, така што таа изнесува 17,6 отсто на 100.000 жители меѓу оние во 20-тите години и 5,8 отсто на 100.000 жители кај тинејџерите.
Превод: Билјана Здравковска