Најмалку 21 лице загина, а 68 други се ранети синоќа при експлозија на автомобил-бомба во дворот на Полициска академија во колумбискиот главен град Богота.
Како што соопшти Министерството за одбрана на Колумбија, меѓу загинатите покрај Колумбијаци, има и државјани на Панама и Еквадор.
При експлозијата пред академијата „Генерал Сантандер“, што се наоѓа во јужниот дел на Богота, биле искршени и повеќе прозорците на околните згради.
Експлозијата одекнала кон крајот на церемонијата на промоција на нова класа офицери на полициската академија.
Поради нападот, колумбискиот претседател Иван Дуке ја прекина турнејата низ неколку западни земји и се врати во Колумбија.
– Овој напад не е само против младите, против безбедносните сили или полицијата. Тоа е напад врз општеството. Овој налудничав терористички напад нема да мине неказнето – нагласи Дуке, по посетата на местото на експлозијата.
Колумбискиот јавен обвинител Нестор Мартинез соопшти дека нападот го извел извесен 56-годишен Хозе Алдемар Рохас, кој активирал 80 килограми експлозив во возило марка „Нисан“. Според Мартинез, возилото пред шест месеци ја минало границата со Венецуела.
Властите засега не соопштија, како Рохас влегол во дворот на Академијата, минувајќи со автомобилот полн со експлозив преку безбедносната контрола на главната порта на институцијата.
Ова е најсмртоносен напад во Колумбија од потпишувањето на мировниот договор меѓу колумбиските власти и левичарската герилска група Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК) во 2016 година.
Засега никој не презеде одговорност за синоќешниот напад, но властите претпоставуваат дека зад него стои левичарската бунтовничка група Национална ослободителна армија (ЕЛН), кој последниве месеци ги засили акциите против припадниците на колумбиските безбедносни сили.