Саиф ал-Ислам Гадафи, син на некогашниот либиски водач Муамер Гадафи, ја повика Русија да го поддржи планот за решавање на либиското прашање, јави ТВ Ал Арабија. Телевизијата се повикува на изјава на претставник на Саиф ал-Ислам, кој минатата недела предводел либиска делегација во Русија.
Во Либија, во моментов постојат две влади: Влада на Национално единство, на чие чело е Фајел ал Сарај, со седиште во Триполи, а Кабинетот на другата Влада е во источниот дел на земјата и ја има поддршката на Националната армија на Либија, предводена од фелдмаршал Халифа Хафтар. Тие две страни засега не успеваат да постигнат политички договор за разрешување на кризата.
Според тој либиски претставник, синот на Гадафи верува дека за надминување на кризата е неопходен дијалог за национално помирување, во кој ќе бидат вклучени сите завојувани страни, по што ќе бидат организирани фер и транспарентни избори
Ал-Ислам (45) пред седум години беше заробен и затворен од припадниците на една либиска милиција (паравоена исламистичка група) во градот Зинтан.
Во 2015 година, судот во Триполи го осуди на смрт за „воени злосторства“, но милицијата која го најде и го зароби во 2011 година, одби да го предаде. Во јуни 2017 година, тој соопшти дека е ослободен со амнестија и од тогаш не се појавил во јавност.
Ал-Ислам е дипломец на угледната лондонска Школа за економија, имаше имот во Лондон и Британија и пред бунтот на исламистите во Либија, беше често гостин на бројните приеми во лондонскиот круг на познати личности.