Експлозија одекна утрово во зграда во Милано, пришто шест лица се повредени, од кои едно потешко, јавија италијанските медиуми.
Најтешко повреден е 30-годишен маж кој се здобил со изгореници од втор и трет степен по целото тело, според агенцијата Анса.
Како што е наведено, пожарот избувнал на приземјето на зградата и ги зафатил првите катови, а се верува дека причина е истекување на гас.
Еден од станарите на зградата изјавил дека го разбудила експлозија и се качил по скалите каде видел повреден млад човек кој имал изгореници по целото тело, а околу него имало урнатини од ѕидовите и пламен.
Брзата помош, полицијата и пожарникарите биле испратени на местото на несреќата на плоштадот Либија во Милано. Според порталот Milanotoday.it, последиците од експлозијата се јасно видливи од плоштадот. Прозорците до третиот кат се целосно уништени, а влезот во зградата е опкружен со урнатини.