Поранешниот престолонаследник на Јордан, принцот Хамза бин Хусеин, изрази верност кон неговиот постар полубрат, кралот Абдула, два дена откако беше ставен во куќен притвор под обвиненија дека се обидел да ја дестабилизира земјата. Преку писмо, принцот изјави дека е посветен на уставот на земјата, отфрлајќи ги сите обвинувања поврзани со заговорот. Ваквиот став на принцот произлезе по успешното посредување во спорот, како што соопшти пријател на кралското семејство кој учествувал во разговорите, до кои дошло откако кралот Абдула Втори побарал од неговиот чичко, принцот Хасан, да помогне во смирување на тензиите.
– Јас се предавам во рацете на неговото величество. Јас ќе останам посветен на уставот на хашемитското кралство Јордан – стои во писмото на Хамза кое беше вчера објавено од кралската палата.
Тој вели дека немал пристап до интернет за време на куќниот притвор, како и дека му била забранета каква било надворешна комуникација.
Вицепремиерот Ајман Сафади завчера изјави дека принцот имал врска со странски субјекти кои сакаат да го дестабилизираат кралството и оти тој бил следен веќе подолго време. Наместо да преземат правни активности против него, властите се обидувале да го обесхрабрат принцот во неговиот обид да ги мобилизира водачите на клановите во кралството.
Најмалку 16 лица, меѓу кои е и поранешен советник на кралот Абдула, како и уште еден член на кралското семејство, се уапсени поради заговорот. Но, во наводниот заговор има многу нејаснотии. Идентитетот и целите на приведените лица не се објавени во јавноста, ниту пак е јасно кои странски субјекти сакале да го дестабилизираат кралството. Сепак, ситуацијата беше доволна за сојузниците и соседите на Јордан да побрзаат и да му изразат целосна поддршка на кралот Абдула.
Јордан е уставна монархија, но кралското семејство игра голема улога во јавниот живот и кралот има големи овластувања. Тој може да назначува влади, да одобрува закони и да го распушти парламентот.
Принцот Хамза беше миленик и престолонаследник на претходниот крал Хусеин Први. Но, непосредно пред неговата смрт во 1999 година, кралот Хусеин се предомисли и за престолонаследник го именуваше својот првороден син, Абдула, бидејќи сметаше дека Хамза сè уште е премногу млад и неискусен за владеење. Поради желбата на нивниот татко, Абдула го назначи Хамза за престолонаследник на Јордан, но во 2004 година, сепак, тој му ја укина позицијата за да му ја додели на неговиот најстар син Хусеин.