Доколку продолжи ваквиот тренд на зголемување на рејтингот и партиската поддршка, големи се шансите Трамп и Сандерс да ги одмерат силите на изборите во ноември, пренесуваат светските медиуми
Рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп се подобрува во клучен момент на изборната година, зголемувајќи ги шансите да освои втор мандат во Белата куќа. Најновата анкета на Галуп покажува дека 49 отсто од испитаниците ја одобруваат работата на Трамп, додека, пак, 48 проценти изјавиле дека не ја одобруваат. Ова е првпат претседателот да има позитивен нето-рејтинг по почетокот на неговиот мандат во јануари 2017 година. Истовремено, сенаторот Берни Сандерс со победата на партискиот пленум во Невада го зголеми водството во трката за претседателската номинација кај демократите. Доколку продолжи ваквиот тренд, големи се шансите Трамп и Сандерс да ги одмерат силите на изборите во ноември, пренесуваат светските медиуми.
Просечните резултати од анкетите за популарност покажуваат дека рејтингот на Трамп е во постојан пораст по почетокот на процедурата за импичмент. Аналитичарката Хери Ентен оценува дека рејтингот на Трамп расте во вистинскиот момент на изборната година, во која до март анкетите за рејтинг стануваат попредвидливи.
– Претседателите со поддршка помеѓу 46 и 54 отсто до овој момент вообичаено се соочуваат со тесна трка за реизбор. Претседателите со рејтинг од 45 проценти или помалку вообичаено ги губат изборите. Доколку се повтори минатото, рејтингот на Трамп може да продолжи да расте доволно за да стане фаворит – истакнува Ентен.
Резултатите од најновата анкета на Си-би-ес њуз покажуваат дека 65 отсто од Американците сметаат дека Трамп ќе оствари тесна победа против демократскиот кандидат, во трката за нов мандат во Белата куќа. Трамп исто така одржува цврста позиција кога станува збор за изборниот колеџ, преку кој се избира претседателот и кој му го отвори патот до Белата куќа во 2016 година, и покрај тоа што беше поразен од Хилари Клинтон, со разлика од речиси три милиони гласови.
– Покрај Мичиген и Пенсилванија, Трамп во 2016 година победи со најмала разлика и во Висконсин. Најновата анкета на Квинипек покажува дека рејтингот на актуелниот претседател во однос на демократите во Висконсин е за седум или повеќе отсто поголем. Доколку го загубат Висконсин, на демократите ќе им биде потребно нивниот претседателски кандидат да победи во уште една држава на Трамп, покрај Мичиген и Пенсилванија. Аризона и Флорида би можеле да бидат таква цел – додава Ентен.
Во меѓувреме, Сандерс го зголемува водството во трката за демократската претседателска номинација. Во Невада тој успеа да добие 51 отсто од гласовите на Јужноамериканците, а добар резултат оствари и кај афроамериканските гласачи. Демографијата на победата на Сандерс сугерира дека тој можеби веќе обезбедил поддршка во диверзитетните држави што подобро го рефлектираат демократското гласачко тело отколку Ајова и Њу Хемпшир. Неговите поддржувачи истакнуваат дека тој може да оствари добри резултати во расно диверзитетните области.
– Во Невада, кај дизверзитетен електорат што е сличен со оној во повеќето држави од Супервторникот, демократите го избраа Берни Сандерс за кандидат што би го победил Доналд Трамп – порача Александра Рохас, директорка на Праведни демократи, пролевичарската група што настана од изборната кампања на Сандерс во 2016 година.
Анкетите покажуваат дека Сандерс води во Калифорнија и во Тексас, клучни држави од Супервторникот што имаат големо јужноамериканско население.
Говорот на Трамп во Индија го слушаа над сто илјади луѓе
Американскиот претседател Доналд Трамп најави зголемување на трговските врски меѓу САД и Индија и ширење на севкупната соработка меѓу двете земји. На почетокот од неговата дводневна посета на Индија, Трамп порача дека Вашингтон е подготвен на Њу Делхи да му испорача одбранбена опрема – од дронови и хеликоптери до ракетни системи.
– Се радуваме на испораката на Индија на најдобра воена опрема, која предизвикува најголем страв – истакна шефот на Белата куќа во говорот пред повеќе од 100.000 луѓе на стадионот во Ахмедабад, во западната индиска држава Гуџарат.
Трамп, исто така, нагласи дека заедно со Индија ќе го решава прашањето на радикалниот исламски тероризам.