ВО МЕЃУНАРОДНО ИСТРАЖУВАЊЕ СО НАД 40.000 УЧЕСНИЦИ

Меѓународен тим од научници почна големо истражување за да утврди дали лековите против маларија може да штитат од ковид-19. Над 40.000 здравствени работници од Европа, Африка, Азија и од Јужна Америка наредните три месеци ќе примаат хлорокин, хидроксихлорокин или плацебо. Сите учесници се персонал што е во контакт со пациенти со ковид-19.

Тестирањето е отворено за сите што се грижат за пациенти со ковид-19 но не се заразени со коронавирус. Една од целите е да се утврди дали лековите може да ги штитат здравствените работници што се изложени на вирусот. Првите резултати се очекуваат до крајот на годината, јави Би-би-си.

Повеќе светски лидери тврдат дека лековите против маларија се ефикасни против ковид-19, иако здравствените експерти велат оти нема научни докази за тоа и предупредуваат дека овие лекови во комбинација со други би можеле да предизвикаат фатални последици.

Американскиот претседател Доналд Трамп исто така откри дека зема хидроксихлорокин за да се заштити од коронавирус.
Лековите против маларија намалуваат треска и воспалувања, а се користат и за спречување и за лекување на симптомите на маларија.