Информациите за замрзнатите средства на Северна Кореја вредни околу 23 милиони долари, префрлени во три американски банки, ќе им бидат обелоденети на родителите на Ото Вармбиер, американскиот студент кој почина откако беше затворен во Северна Кореја, со што би можела да им се овозможи отштета, пишува „Кореја хералд“.
Судот во Вашингтон вчера издаде наредба со која се бара од трите банки „Велс Фарго“, „Џеј Пи Морган Чејс“ и „Бенк оф Њујрок мелон“ да ги откријат информациите за сметките на кои се наоѓаат замрзнатите средства, извести „Гласот на Америка“. Информациите ги вклучуваат имињата и адресите на корисниците на сметките со точната сума која се наоѓа на нив.
Наредбата е издадена како одговор на барањето поднесено минатата недела од родителите на Ото Вармбиер. Барањето покажува дека „Џеј Пи Морган Чејс“ држи 17,57 милиони долари во замрзнати севернокорејски средства, „Велс Фарго“ 3,01 милиони, а „Њујорк Мелон“ 3,21 милиони долари.
Фред и Синди Вармбиер го поднесоа барањето за одредување на одговорноста на Северна Кореја за смррта на нивниот син и за заплена на капиталот на севернокорејскиот режим низ светот, за да ја спроведат пресудата според која Северна Кореја треба да плати отштета од 500 милиони долари.
Во декември 2018 година, американскиот федерален суд и нареди на Северна Кореја да исплати повеќе од 500 милиони долари на семејството Вармбиер, откако тие го тужеа режимот за „заложништвото, нелегалното задржување, измачување и убиство“ на нивниот син.
Но без механизам кој би ја принудил Северна Кореја на исплата, семејството Вармбиер тргна по замрзнатиот капитал на Северна Кореја. Сепак, не е јасно дали ќе можат да ги добијат парите.
Ото Вармбиер, за време на туристичка тура низ Северна Кореја, беше уапсен за наводната кражба на пропаганден плакат во 2016 година. Тој беше ослободен по 17 месеци во заробеништво и беше вратен во САД, но пристигна во коматозна состојба по мозочното оштетување кое го претрпел додека бил затворен. Ото Вармбиер почина 22 дена по враќањето во САД на 22-годишна возраст. Неговите родители тврдат дека бил измачуван во Северна Кореја, додека Пјонгјанг во повеќе наврати ги отфрли обвинувањата.