Укинувањето на пресудата на Бил Козби предизвика шок и гнев
Изненадувачкото укинување на пресудата на Бил Козби за сексуален напад од страна на највисокиот суд во Пенсилванија предизвика шок и гнев, особено во Холивуд каде што комичарот некогаш беше познат како „таткото на Америка“.
Козби (83) беше уапсен во 2015 година и осуден во 2018 година поради сексуалниот напад врз Андреа Констанд во 2004 година. Тој отслужи повеќе од две години од неговата казна (од три до 10 години) во државен затвор во близина на Филаделфија. Згора, Козби нагласи дека попрво ќе ја отслужи сите 10 години од предвидената казна, откако да се покае за неговите постапки. Судењето на Козби уследи откако повеќе од 60 жени го обвинија за сексуален напад. Се смета дека Козби е првата јавна личност осудена во ерата на движењето „И јас исто така“, во која бројни жени истапија со обвиненија за сексуално злоставување. Осудениот сексуален престапник беше пуштен од затвор по соопштувањето на одлуката.
– Седумдесет жени веројатно не беа доволни – порача актерката Роузи О’Донел.
– За секоја жена што беше сексуално нападната од Козби, денес моето срце боли за вас и полна сум со гнев – напиша актерката Дебра Месинг на Твитер.
– Ова е срцекршачки за сите жртви. „И јас исто така“ трае вечно – напиша актерката Елен Баркин.
Во денешната епизода на „Како правниот систем ги изневерува жртвите“: Бил Козби ослободен поради техникалија – напиша Кејти Хил, поранешната застапничка на Калифорнија во американскиот Конгрес.
Ослободувањето на Козби го поздрави единствено Филиша Рашад која ја играше неговата сопруга во телевизиската серија „Козби шоу“ од 1984 до 1992 година.
– Конечно! Исправена е страшна неправда – напиша Рашад на Твитер, објавувајќи и фотографија на Козби.
Укинувањето на пресудата на Козби е посочено како пример од страна на правниот тим на Гизлејн Максвел, според кој и Британката обвинета во случајот поврзан со сега починатиот Џефри Епстајн, треба да биде ослободена. Максвел беше уапсена во јули минатата година поради обвиненија поврзани со секс-трговија на малолетнички за потребите на Епстајн.