Бројот на заболени од коронавирусот на крузерот во Јапонија, од вчера порасна за 70. Министерот за здравство на Кина, Кацунобу Като изјави дека направени се тестирања кај 1.219 луѓе, а кај 355 резултатите биле позитивни.
Канада објави дека исто како и САД и Хонгконг ќе испрати авион по своите здрави државјани кои се наоѓаат на крузерот „Дајмонд Принцес“, а кој е усидрен во Јокохама во Јапонија.
Канадските патници на крузерот кои покажуваат симптоми на коронавирусот нема да можат да се качат на авионот, кој ќе биде испратен, туку ќе бидат пренесени во некои од јапонските болници, каде ќе добијат најдобра и соодветна здравствена нега, се вели во соопштението на канадската влада.
Американската амбасада во Јапонија вчера објави дека над 400 свои граѓани, кои се наоѓаат на крузерот, ќе ги врати назад дома, пишува „Гардијан“. На крузерот се наоѓаат и 330 граѓани на Хонгконг, кои исто така ќе бидат евакуирани во својата татковина.
Патниците кои ќе бидат евакуирани во Канада, САД и Хонгконг, ќе мораат да останат 14 дена во карантин.
Крузерот со 3.700 патници и членови на екипаж е во карантин во Јокохама од 3 февруари, откако кај еден маж кој се симнал во Хонгконг пред да тргне бродот за Јапонија, му бил дијагностициран коронавирус.
Еден од тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на крузерот е позитивен на коронавирусот и е хоспитализиран во јапонска болница.