И додека сѐ уште трае официјалната истрага за инцидентите, иранскиот претседател Хасан Рухани порача дека Иран нема да исполни дел од своите обврски од меѓународниот нуклеарен договор потпишан со шесте светски сили во 2015 година, доколку другите потписници не покажат позитивни сигнали
Саудискиот принц Мохамед бин Салман ја повика меѓународната заедница да заземе решителен став во врска со нападите врз нафтените танкери во Оманскиот Залив, зад кои, според него, стои Иран. Во текот на викендот, на два танкера беа регистрирани повеќе експлозии, по што избувна пожар. Иако причините за експлозиите официјално не се потврдени, САД, Саудиска Арабија и Британија го обвинија Техеран дека е организатор на нападите. Од друга страна, иранските власти ги отфрлија ваквите обвинувања, порачувајќи дека некој се обидува да го „скара Иран со меѓународната заедница“, пренесуваат светските медиуми
И додека сѐ уште трае официјалната истрага за инцидентите, иранскиот претседател Хасан Рухани порача дека Иран нема да исполни дел од своите обврски од меѓународниот нуклеарен договор потпишан со шесте светски сили во 2015 година, доколку другите потписници не покажат позитивни сигнали. Американскиот претседател Доналд Трамп лани ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма. Речиси една година по таквиот чекор на Трамп, иранските власти во мај годинава соопштија дека привремено ќе суспендираат дел од своите обврски од договорот.
– Очигледно е дека Иран не може да биде единствениот што се придржува до договорот – порача Рухани на меѓународна конференција во Таџикистан.
Иранскиот претседател во својот говор не ги споменал најновите инциденти со нападите врз неколку танкери со нафта во чувствителниот регион, каде што тензиите секојдневно се зголемуваат.
– Неопходно е сите страни да дадат свој придонес за договорот повторно да заживее. Очекувам позитивни сигнали од другите потписнички – Русија, Кина, Британија, Франција и Германија – истакна Рухани на конференцијата за соработка во Азија, која се одржува во таџикистанската престолнина Душанбе.
На конференцијата учествуваше и рускиот претседател Владимир Путин, кој порача дека Москва ќе се придржува до договорот и ги повика и другите земји потписнички да го сторат истото тоа.
– Веруваме дека единствената разумна одлука е сите потписнички да ги исполнат своите обврски – додаде Путин.
Техеран во мај предупреди дека ќе го почне зголеменото збогатување на ураниумот, доколку светските сили потписнички во рок од 60 дена не ја заштитат иранската економија од новите американски санкции. Меѓутоа, Вашингтон оттогаш постојано го зголемува притисокот и врз Иран и врз своите сојузници, тврдејќи дека сака да ја спречи блискоисточната земја да произведе нуклеарно оружје. Администрацијата на претседателот Трамп исто така бара од Иран да ја запре својата балистичка програма и да не се меша во ситуацијата на Блискиот Исток.