САД побараа од Турција одложување на набавката на руски системи С-400, закажана за јули, до 2020 година во обид да најдат некаква причина за да ја убедат Анкара да го поништи договорот со Москва, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на два анонимни извори.
Според медиумите, Турција моментно го разгледува американското барање, но сé уште не одговорила.
– Русија не знае за плановите на Турција да ја одложи испораката на С-400. Прашањето не беше покренато за време на еден од последните телефонски разговори меѓу рускиот и турскиот претседател – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Оваа вест доаѓа во време на разговорите за можна посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Анкара во јули.
Односите на двете држави се напнати откако Турција потпиша договор со Русија за набавка на С-400 во декември 2017 година, откако Анкара не успеа да добие воздушна одбрана што ја сакаше од САД под соодветни услови.
Американските официјални претставници тврдат дека не само што С-400 ќе биде некомпатибилен со мрежата на НАТО за воздушна одбрана, туку, наводно, претставува закана за врвниот авион на Америка, Ф-35, за кој Турција помага да се произведе и сака да го набави за себе. Вашингтон, наводно, ја прекинал испораката на авиони веќе порачани од Анкара, и се верува и дека ќе воведе санкции за Турција поради договорот за С-400.
И покрај притисокот од САД, Анкара во неколку наврати изјави дека продажбата на С-400 во Турција е завршена работа.