Американската администрација донесе одлука за укинување на санкциите кон три руски компании, поврзани со бизнисменот Олег Дерипаска. Станува збор за најголемиот производител на алуминиум во светот „Русал“, за нејзината матична компанија „Ен + Груп Плц“ и за енергетската фирма „ЕуроСибЕнерго“(ЕСЕ).
САД во април минатата година воведоа санкции кон трите компании, заедно со казнентите мерки кон поголем број руски официјални претставници, бизнисмени и фирми.
Во соопштението на американското Министерство за финансии се посочува дека санкциите се укинуваат затоа што трите компании „ги исполниле неопходните услови за намалување на директниот и индиректниот сопственичи удел“ и ја прекинале контролата врз нив од страна на алуминиумскиот и енергетски магнат Дерипаска, кој и натаму останува на листата на САД за кои важат воведените санкции.
Одлуката на Вашингтон следува откако Дерипаска значително го намали својот сопственички удел во трите компании. Сопственоста на Дерипаска во „Ен +“ е намалена од 70 на 45 отсто.
На укинување на санкциите против трите компании веќе извесен период инистираа претставниците на ЕУ, нагласувајќи дека со тоа ќе се спасат илјадници работни места во Европа и ќе се спречи нанесување „сериозна штета на европската алуминиумска индустрија“.
По укинувањето на американските санкции, вредноста на акциите на „Русал“ на берзата во Хонг Конг порасна за речиси осум отсто.