Соединетите Американски Држави воведоа нови санкции кон Русија, кои опфатија повеќе од 30 лица и компании и одлучија да протераат 10 руски дипломати.

Причината за воведување нови санкции, како што тврди Вашингтон, е мешањето на Москва во американските избори во 2020 година и сајбер нападот за кој американската влада ја обвинува Русија, пренесуваат агенциите.

Нападот врз софтверот на компанијата „Солар Виндоус“ им овозможи на хакерите пристап до илјадници компании и владини агенции кои го користат тој софтвер.


Кремљ: Русија ќе одговори реципрочно на новите санкции од САД

Кремљ соопшти дека ќе одговори на какви било нови незаконски санкции на САД кон Русија и предупреди дека новите мерки ќе ги намалат шансите за состанок меѓу американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Претходно денеска светските агенции ја пренесоа веста дека САД воведува нови санкиции за Русија и протерал 10 руски дипломати.

Кремљ ги отфрла тврдењата на САД за мешање во изборите во 2020 година и дека стои зад хакерски напад врз софтверот на „Солар Виндоус“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ќе почека за развојот на настаните пред да ги коментира санкциите.

Но, тој додаде дека ставот на Кремљ во однос на овие мерки и одговорите на нив останаа исти.

– Ја осудуваме секоја намера за воведување санкции, ги сметаме за незаконски и во сите случаи ќе се применува принципот на реципроцитет. Реципроцитет, така што нашите интереси се обезбедени на секој можен начин – рече Песков.

Песков  истакна дека Русија не сака односите со Вашингтон да бидат „еден чекор напред, а потоа два назад“.

Во телефонскиот разговор во вторникот, Бајден го покани Путин на состанок за повеќе прашања и и порача на Москва да ги намали тензиите на украинската граница.

Песков во четвртокот рече дека новите американски санкции не ги зголемуваат шансите за ваква средба и додаде дека одлуката е на двата претседатели.

Учеството на Путин на климатскиот самит на Бајден е сè уште под дискусија, рече тој.

Портпарол на Кремљ  истакна дека ситуацијата околу Украина останува напната, бидејќи американските и силите на НАТО се уште се близу до руската граница.

Затоа е прерано да се зборува за деескалација, тврди Песков, и покрај извештаите дека Соединетите Американски Држави го откажале испраќањето на своите два воени брода на Црното Море.