Популарен руски „Јутјубер“ кој е познат по своите филмски рецензии упати силни критики кон министерството за култура на Русија, со образложение дека нацијата има тенденции за цензура.
Во последното видео кое има преку 3 милиони прегледи, Јевгениј Баженов открива дека тој во моментов се соочува со тужба за авторско право, од страна на филмското студио „Киноданз“, поради употреба на „премногу“ филмски извадоци во неговите видео-рецензии.
Сепак, Баженов шпекулира околу вистинскиот мотив зад оваа цензура и како виновник го посочува министерството за култура, кое е спонзор на филмот од „Киноданз“.
– Вие и јас, сите ние имаме право јасно да го изразиме нашето мислење, особено кога критикуваме нешто кое е создадено со нашите пари – вели Блаженов.
Сепак, од министерството негираат дека тие стојат зад тужбата.
– Ние нудиме поддршка за продукција и промоција на филмови на рускиот пазар и надвор од него, но никако не даваме поддршка на суд. Овие обвиненија се бесмислени и не се поткрепени со факти – соопшти директорката за кинематографија при министерството за култура во Русија.
Видеото на Баженов се наоѓа на трендинг страната на Јутјуб и има преку 189.259 коментари. Тој добива голема поддршка од неговите следбеници на социјалните мрежи.
– Најискрено, обидите да го замолчат Јевгениј Баженов се кукавички, тоа е неспособност и цензура – изјави филмскиот продуцент Александар Родњански.