Руската армија лансира нова интерконтинентална балистичка ракета, која може да носи нуклеарни боеви глави. Руското министерство за одбрана соопшти дека лансирањето на балистичката ракета „јарс“ било изведено на космодромот Плесецк.
Ракетата, според руското министерство, ја погодила зададената цел – полигонот Куру на полуостровот Камчатка. Станува збор за балистички проектил со цврсто гориво, кој се лансира од мобилни лансери.
Во меѓувреме, министерот за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Русија во текот на 2019 и 2020 година ќе направи копнена варијанта на ракетниот комплекс „калибр“, со крстосувачки проектили со голем дострел. Шојгу исто така додаде дека е планирано и производство на нов ракетен комплекс со суперсонични проектили со голем дострел.
– Овие мерки се реализираат откако САД на 2 февруари го напуштија Договорот за нуклеарни сили со среден дострел – додаде рускиот министер.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во меѓувреме истакна дека Русија за шест месеци ќе го напушти договорот, како реципрочен одговор на повлекувањето на Вашингтон. Официјална Москва категорично ги отфрли американските обвинувања, дека Русија постојано го прекршува договорот, кој беше постигнат во 1987 година.