Русија ги разгледува обвиненијата од Холандија за кибер нападите врз Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО), но се сомнева во нивната веродостојност, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
– Засега имаме само една само првична информација за тоа. Ќе се воздржам од коментар за конкретните обвинувања, но за општото обвинение, сакам да кажам дека во последно време темата за така нареченото руско хакерство и кибер нападите доби на популарност во определени негативно настроени кругови кон Русија. Порастот на таквите обвинувања не тера да се посомневаме во нивната веродостојност, посочи Рјабков.
Тој додаде дека ќе има нови обвинувања кон Русија за кибер напади и за мешање во внатрешната политика на САД и на други западни земји.
– Нашите американски колеги, како и колегите од други земји, кои се приклучуваат кон актуелниот бран обвинувања кон Русија, нема да запрат. Ќе има нови обвинувања. Тие се појавуваат периодично за да се одржува темата, за да имаат руските и западните новинари повод постојано да поставуваат прашања, да добиваат коментари и потоа коментари на коментарите, посочи Рјабков.
Тој додаде дека Русија никогаш не се мешала и нема да се меша во внатрешните работи на САД или на некоја друга држава.
Холандската министерка за одбрана Анк Бејлевелд денеска изјави дека Воената разузнавачка служба на Холандија спречила руски хакерски напад врз ОЗХО.
Според неа, нападите биле извршени во април од припадници на руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) и четворица Руси се протерани од Холандија, за кои постои сомневање дека извршиле хакерски напад врз ОЗХО.
Осомничените за нападот имале дипломатски пасоши.
Русите, наводно, сакале да дојдат до досиеја за истрагата за падот на авионот МХ-17 во Донбас во 2017 година, како и до материјалите за нападот врз рускиот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.
– Кибер операција врз ОЗХО е неприфатлива. Со откривањето на руското дејствување испраќаме јасна порака: Русија мора да биде запрена, посочи Бејлевелд.
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во Брисел порача дека САД ќе разгледаат како да одговорат на руските напади и прекршувања на меѓународните договори, но одби да открие повеќе детали.
– Сегашната ситуација со Русија станува неиздржлива и за ова долго разговаравме со нашите сојузници… Не зборувам за воени операции и уште помалку за ситуација во развој. Русите беа фатени со опрема и со луѓе кои го сторија делото… Русите ќе треба да одговараат за ова, а како ние ќе одговориме е политика одлука на инволвираните нации, одговорот нема нужно да биде „кибе родговор“. Имаме цела низа одговори на располагање, наведе Матис.
Во меѓувреме, американското Министерство за правда покрена обвинение притив седум офицери на руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) поради хакирање на Антидопинг агенцијата и други организации.
Во обвинението се наведува дека на мета на ГРУ биле оние кои јавно ја поддржувале забраната за учество на руските атлетичари на меѓународни спортски натпревари.
Според американското Обвинителство, на мета на Русите биле и компанијата за нуклеарна енергија во Пенсилванија, како и една меѓународна организација која истражува употребата на хемиско оружје во Сирија, како и труењето на поранешниот офицер на ГРУ, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.
Во обвинението се наведува дека хакирањето често е „извршувано од далечина“, а ако во тоа не успеале, преземале „онсајт“ хакерски операции со асистенција на членови на ГРУ, кои патувале со „софистицирана опрема со цел да се хакира преку ви-фи мрежа“.